Претседателот на техничката Влада Талат Џафери, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, денеска извршија увид во изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка и го повикаа Собранието да го изгласаат законот за грант на средства и за задолжувањето, за да може да се ослободат средствата и навремено да се заврши изградбата на оваа делница.
Овој експресен пат кој е со должина од 25,5 километри се гради во две фази и се очекува да биде завршен до крајот на оваа година.
Техничкиот премиер Талат Џафери, посочи дека проектот за изградбата на патниот правец Ранковце – Крива Паланка има чудна историја во смисла на отпочнување, прекин на работите па, продолжување на извршување на работите.
– Претходните изведувачи отстапија од проектот затоа што не можеа да ги исполнат условите на договорот којшто беше и беше прекината значи работата со нив. По препорака на Светска банка е реобјавен јавниот повик. Нова објава, нов изведувач и работиве одат според планираното. Предвидено е до крајот на мај да се довршат работите, но според она што е кажано и од државните институции и од изведувачот рокот е врзан со Закон којшто стои во Собранието – изјави Џафери.
Тој, ги повика пратениците за донесување на законот, којшто, како што посочи, еден дел е заем, а другиот дел е грант.
– Не би сакал да зборам за сумите, но пратениците таму ги имаат и сумите. Секако секое доцнење во однос на реализација на тој закон и решенијата од тој закон, ќе значат дополнителни трошоци за државата и граѓаните – нагласи Џафери.
Министерот за транспорт и врски, Бочварски, исто така, ги повика сите пратеници да го изгласаат законот за грант на средства и за задолжувањето со цел експресниот пат Ранковце-Крива Паланка да биде завршен.
– Коридорот 8 за Северна Македонија е еден од двете најважни патни врски со кои се поврзуваме со соседите на исток и запад. Инвестициите на патната и железничката инфраструктура само на Коридорот 8 надминуваат преку две милијарди евра. Тоа се сериозни средства кои оваа Влада реши да ги инвестира мислејќи за иднината на идните генерации – порача Бочварски.
Тој исто така, повика да не се злоупотребува за дневна политика оваа патна делница, која е дел од еден од главните европски коридор.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Николовски, рече дека сите којшто се од овој крај, најдобро знаат колку е запоставен североистокот, но и колку секојдневно се бореле во овие години, да се развива и да има градежна експанзија како денес.
– Колку што се радуваме и очекуваме што побргу овој проект да заврши, токлу се чудам зошто, на крајот, пред самото завршување со реализацијата на овој капитален проект од над 100 милиони евра, како дел од Коридорот 8, се наидува на една блокада од Собранието, односно од комисијата за финансирање и не се дозволува да истиот се заврши. Токму од тука ја праќаме пораката сите пратеници, да се издигнат, ова не е нечиј личен интерес. Ова не е партиски или политички интерес, овој проект е интерес на граѓаните, на североистокот и веднаш треба да се донесе законот со кој се овозможуваат 14 милиони евра, грант за финализирање на овој проект – порача Николовски.
Изрази уверување дека разумот ќе надвладее и дека оваа 2024 година граѓаните ќе го користат овој пат.
Директорот Рустеми во своето обраќање истакна дека ЈП за државни патишта продолжува да работи на сите капитални проекти и да ги засилува активностите на терен како што започнува градежната сезона.
– Изградбата на двата европски Коридори е приоритет на Владата на Република Северна Македонија, односно на ЈП за државни патишта. По движењето на Коридорот 8 инвестиравме во неколку проекти. Извршивме рехабилитација и на магистралниот пат Куманово – Страцин со должина од 32 километри која е од витално значење не само за регионот, туку и за целата држава. Исто така беше рехабилитиран и реконструиран патот од Ранковце до Крива Паланка во должина од 21 километар, а ја завршивме и реконструкцијата со рехабилитација и доградбатанаедна лента и на државниот пат Крива Паланка – Деве Баир во должина од 13 километри. Изработена е проектна документација за рехабилитација на државниот пат А2 обиколница на Крива Паланка, а во подготовка е тендерската документација за избор на изведувач и надзор, изјави директорот на ЈП за државни патишта – Рустеми.