Криптовалутите се соочуваат со сериозен проблем – забавата заврши. Свешите долари од наивните купувачи веќе не пристигнуваат по падовите во мај и во јуни, наспроти новата рунда маркетинг што допре до сите потрошувачи во САД. Без свежи долари, големите сопственици на криптовалути не можат да очекуваат исплата, пишува „Форин полиси“.
– Компаниите за тргување со криптовалути држат големи купишта на дигитални монети, чија вредност тврдат дека достигнува до трилион долари. Но оваа бројка не е реална, бидејќи вистинските долари ги нема. Сите во системот го знаат тоа – се наведува во анализата на американскиот магазин.
Регулираните размени во САД навидум наликуваат на каса во пошироко криптоказино, а вистинската акција е во нерегулираните офшор размени. До вторникот во нив беше вклучена и компанијата „Еф-ти-екс“ на Сем Банкмен-Фрид, за која беше откриено дека се наоѓа во криза за задржување на ликвидноста по повлекувањата на средства од страна на клиентите. „Еф-ти-екс“ е последната жртва во низата падови на криптопазарот, во кои беа соборени „Целзиус“, „Војаџер дигитал“ и многу други компании за тргување со криптовалути, и која постепено ги соборува и цената и обемот на тргување со криптовалутите.
„Еф-ти-екс“ очајнички бараше дополнително финансирање, но попусто, бидејќи беше затворена од нејзиниот регулатор на Бахамите и ставена во постапка за ликвидација, а во САД поднесе барање за банкрот. Истовремено Банкмен-Фрид поднесе оставка од функцијата извршен директор. Но, падот на Еф-ти-екс“ е неверојатен, особено поради пофалбите кои ги добиваше основачот на компанијата Банкмен-Фрид.
„Еф-ти-екс“ беше основана во мај 2019 година и набргу стана популарна, нудејќи бројни услуги во екот на криптопазарот во 2021 година, кога вредноста на биткоин достигна 69 илјади долари. Во тој период Банкмен-Фрид се промовираше како милијардер со голеи идеи и филантроп, а се најде и на насловните страници на финансиските магазини „Форчун“ и „Форбс“.
Сем Банкен-Фрид беше милијардер дури и кога неговата криптоимперија почна да се распаѓа, но минатата недела потполно го загуби неговото богатство. Врз основа на проценките на „Блумберг“, Банкмен-Фрид „тежеше“ околу 16 милијарди долари на почетокот на минатата недела, но неговото богатство исчезна со падот на неговата компанија за крипторазмена „Еф-ти-екс“. „Блумберг“ го смета финансискиот крах на Банкмен-Фрид меѓу најголемите на сите времиња.
Богатството на триесетгодишниот претприемач што главно се занимаваше со дигиталните валути, имаше најголема вредност од 26 милијарди долари минатата пролет. Летоска, со падот на цените на криптовалутите, Банкен-Фрид се претстави како спасител на криптосекторот, користејќи ја менувачницата за криптовалути „Еф-ти-екс“ и нејзиниот сестрински хеџ-фонд „Аламида“ за обезбедување на кредити за криптокомпаниите кои беа на работ на колапс. Тој во јули за „Ројтерс“ изјави дека „Еф-ти-екс“ има неколку милијарди на располагање за помош за стабилизирање на пазарот на криптовалути.
Но, медиумската промоција на Банкмен-Фрид послужи за оттргнување на вниманието од случувањата во „Еф-ти-екс“, при што повремено имаше знаци за тревога. „Бајненс“ беше еден од раните инвеститори, но ги повлече инвестициите од компанијата во јули минатата година.
Комплетниот персонал на фондот „Еф-ти-екс“ минатата недела јавно даде отказ и во соопштение до јавноста, петчлениот тим истакна дека ги доведува во прашање легитимитетот и интегритетот на бизнис-операциите што ја финансираат фондацијата „Еф-ти-екс“ и на фондот. Банкмен-Фрид поседува околу 70 отсто од американскиот бизнис на „Еф-ти-екс“, кој сега се смета за безвреден, откако некогашната трета најголема платформа за размена на криптовалути поднесе барање за банкрот. Во ваква ситуација, инвеститорите веројатно не можат нема да бидат обесштетени.