Фото: Архива

Економските аналитичари предупредуваат дека претстои период кога, поради очигледните причини, со право ќе можеме да очекуваме натамошно зголемување на стапката на инфлација, што ќе ја присили Народната банка да презема и порадикални мерки, освен сегашната со зголемувањето на референтната каматна стапка

Народна банка започна со затегнување на монетарната политика како превентивен одговор на сѐ повисоките инфлациски очекувања. Најновите податоци покажуваат дека инфлацијата продолжи да се забрзува и во март 2022 година достигна годишна стапка од 8,8 отсто и поради тоа НБРСМ ја зголеми каматната стапка на благајничките записи за 0,25 процентни поени. Но што ќе значи оваа мерка за државата, но и за граѓаните, дали ќе има и други мерки насочени кон зајакнување на монетарната политика, со оглед на тоа што постојано растат цените и на енергијата и на прехранбените производи.
– При донесувањето на ваквата одлука, во центарот на вниманието беа најновите движења кај инфлацијата и инфлациските очекувања. Поради тоа одлучивме да се зголеми каматната стапка на благајничките записи за 0,25 процентни поени, пред сѐ како превентивен одговор на растечките инфлациски очекувања, во услови на задржани оцени за отсуство на поизразени притисоци од домашната побарувачка и присутни надолни ризици за неа во следниот период – истакнаа од Народната банка.
Оттаму велат дека главните фактори на поместувањата на ценовното ниво и понатаму се факторите на страната на понудата, односно цените на енергијата и на прехранбените производи, поради растечките увозни цени. На нив отпаѓаат повеќе од три четвртини од растот.
– Сепак, имајќи предвид дека тие се влезен инпут кај повеќе други производи и услуги, а застојот кај синџирите за производство ги поскапува и другите увозни производи, најновите податоци покажуваат дека растот на цените станува пошироко распространет. Ова заедно со подолготрајниот ценовен притисок од првично очекуваните придонесува и за нагорни поместувања на инфлациските очекувања – додаваат од НБРСМ.
Народната банка соопшти дека ќе продолжи со реоценување на поставеноста на монетарната политика на редовна основа, имајќи ги предвид најновите информации од надворешното опкружување и домашната економија.
Според Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, Народната банка нормално реагирала на зголемената инфлација и смета дека ова е најлесната „терапија“ за ублажување на инфлацијата.

– Се разбира дека ако ситуацијата со цените продолжи да станува посложена и инфлацијата се забрзува како резултат на очекувањата, тогаш Народната банка може да искористи некоја „потешка“ артилерија, како што е зголемувањето на задолжителната резерва на банките. Сите овие мерки се насочени кон намалување на кредитирањето и побарувачката за кредити. Ова нормално негативно ќе влијае на инвестициите и на економскиот раст – укажува Димитров.
Тој вели дека оваа прва мерка нема да влијае на зголемувањето на каматите на кредитите, бидејќи нашите банки имаат добра ликвидност, но ако дојде до построги мерки тогаш може и тоа да се случи.
– Треба да имаме предвид дека македонската економија е мала и ваквите мерки не можат веднаш да даваат резултати. Сите економски теории се засноваат на т.н. „целосна или потполна конкуренција“ што подразбира развиени пазари, како на стоки и на услуги, така и на финансиски пазари, што кај нас не е ситуација. Затоа нашата економија најчесто реагира на сите потреси на големите економии што се наши партнери, како што е економијата на ЕУ. За жал, и таму се случуваат вакви потреси предизвикани од кризата со енергентите, растот на цената на храната и нарушувањето на синџирите на снабдување – појаснува Димитров.
Универзитетскиот професор Томе Неновски вели дека иако, во основа, незначително е зголемувањето на референтната каматна стапка, тоа дава сигнали за националната економија во кој правец во претстојниот период ќе дејствува монетарната политика, односно дека таа ќе мора да се заострува.
– Во овој момент, зголемувањето на референтната каматна стапка на НБРМ не би требало поинтензивно да дејствува врз каматните стапки на банките. Сепак, таа промена во референтна каматна стапка претставува сигнал за деловните банки дека монетарната политика ќе се заострува, што тие треба да го имаат предвид при конципирањето и реализирањето на својата деловна политика и сите заедно да дејствуваат кон запирање на загрижувачкиот тренд на пораст на стапката на инфлација – посочува Неновски.
Меѓутоа, како што додава тој, претстои период кога, поради очигледните причини, со право можеме да очекуваме натамошно зголемување на стапката на инфлација, што ќе ја присили Народната банка да презема порадикални мерки.

– Тие мерки би биле натамошно зголемување на референтната каматна стапка и на стапката на задолжителна резерва за поенергично запирање на растежот на стапката на инфлација, која, ако продолжи со сегашното темпо на пораст, на крајот на овој месец би можела да достигне двоцифрен резултат – нагласува Неновски.
Зборувајќи за тоа како да се поддржи економскиот раст, од Народната банка велат дека во исто време за да се стабилизира инфлацијата, предизвикана од воениот конфликт во Украина, а особено е значајна координацијата на фискалната и на монетарната политика.
– На пократок рок, преку фискалните мерки може на подиректен начин да се ублажи трансмисијата од глобалниот пораст на цените на енергијата врз цените на стоките за потрошувачка, како и во одредена мера да се надомести загубата во доходот кај најранливите категории. Од друга страна, монетарната политика треба да се насочи кон одржување на ценовната и на макроекономската стабилност – објаснуваат од Народната банка.
Оттаму посочуваат дека на среден рок, по стабилизирањето на состојбите, потребна е постепена фискална консолидација, а поголемо внимание на структурните реформи, кои треба да ја намалат ранливоста на економијата, да ја зголемат нејзината отпорност и потенцијал за раст.
– Општо е познато дека макроекономските политики, а особено монетарната политика, не можат да бидат замена за темелни структурни реформи. Само со структурни реформи може да се откријат точките на ранливост на економиите, да се унапредат основите и да се зголеми потенцијалот за раст, а со тоа и заштитата од идни можни шокови – посочија од Народната банка.