ЕСМ веќе од утре треба да го преземе управувањето со топлинската енергија, откако денеска попладне на владина седница ќе го достави предлог-договорот за соработка со БЕГ. Министерот за економија Крешник Бектеши уверува оти ќе нема намалување на температурата на греење, како и дека греењето ќе биде продолжено до еден часот по полноќ.
– Попладне ќе имаме владина седница на која ЕСМ е обврзан да го достави предлог-договорот за техничка соработка со БЕГ. Од утре, ЕСМ ќе управува со БЕГ снабдување, БЕГ дистрибуција и БЕГ производство, со цел граѓаните на Скопје во континуитет и сигурно да бидат снабдувани со топлинска енергија до крајот на грејната сезона – изјави Бектеши, додавајќи дека дополнително ќе се вбризгуваат средства во ЕСМ, согласно одлуката за прогласување на кризна состојба во делот на топлинската енергија.
Министерот најави и дека договорот меѓу ЕСМ и БЕГ ќе биде јавно достапен.