Фото: Маја Јаневска-Илиева

Нема најави дека некои компании од ТИРЗ ќе ги затворат своите капацитети и ќе заминат од земјава, рече денеска директорот на Дирекцијатата за ТИРЗ, Јован Деспотовски.

Деспотовски информира и дека привршуваат разговорите со голема канадска компанија која е веќе присутна во земјава, а планира значително да ги прошири капацитетите.

– Има и неколку нови договори од оваа година кои се во завршна фаза и кои набрзо очекувам да ги презентираме како нови инвестиции. Но, од постојните компании немаме никаква најава за затворање – напомена директорот, одговорајќи на новинарски прашања откако претходно ја презентираше анализата за ланските економски активности и резултати во зоните.

Според Деспотовски, ситуацијата со војната во Украина внимателно се следи и засега нема потреба од дополнителни државни интервенции во овој сегмент. Но, доколку се укаже потреба, ќе се преземат соодветни мерки.

– Извозот во првиот квартал од 2022 година е 10 отсто повисок во однос на истиот период лани, увозот расте со одредено темпо, но побавно за околу два отсто, а има и раст на бројот работни места во првиот квартал од 2022-ра за четири отсто во однос на послендиот месец од минатата година – повтори Деспотовски.

Тој очекува позитивните трендови евидентирани во зоните минатата година не само да се задржат, туку и да се засилат, и покрај притисоците врз економијата од глобалната криза и руско-украинскиот конфликт.


Деспотовски: Нема ризик во снабдувањето со гас на фирмите од зоните

Нема никаква најава, ниту индикатор дека може да се случи прекин во снабдувањето со гас на компаниите од слободните економски зони, рече денеска директорот на Дирекцијатата за ТИРЗ, Јован Деспотовски.

Тој верува дека земјава, сепак, има резервни опции кои може да се стават во функција доколку се укаже потреба да им се помогне на компаниите во зоните.

Во ризик, истакна директорот одговорајќи на новинарски прашања, се само фирмите од ТИРЗ Скопје зашто во останатите зони моменто се работи на инсталирање гасна инфратсруктура, а фабриките таму користат други видови енергија.

– Договорите за снабдување со гас се годишни, а „Промгас“ е единствениот снабдувач. Засега немаме проблем со побараните количини, ниту со некакви најави за евентуално запирање на испораката на гас. Внимателно ја следиме ситуацијата. Знаеме што се случува во регионот и пред се, со Бугарија. Во договорите, она што го имаме како заштитна клаузула за државата е тоа што компаниите се обврзани, во случај на прекин на снабдувањето заради надворешни фактори кои се вон секакво наше влијание, самостојно да си обезбедат натамошно снабдување. Во комуникација сме со компаниите. Внимателно ги следиме ризиците и ако има потреба надлежните институции ќе реагираат. Верувам дека имаме и резервни опции кои можеме да ги ставиме во функција ако се укаже потреба да им помогнеме на компаниите, но во моментот немаме апсолутно никаква најава, ниту индикатор дека може да се случи прекин – рече директорот на ТИРЗ.

Според него, Дирекцијата засега нема сознанија дека можеби некои од фримите во зоните се префрлени на алтернативно гориво.

– Не, немаме такво сознание, следејќи ги неделните и месечните количини на испорака на гас кон нив – истакна Деспотовски.