Лозата на нашиот засебен историски, културен и етнографски карактер

Од историските архиви: Списанието „Лоза“ и Младата македонска книжевна дружина

Во историјата постојат повеќе примери на организирано дејствување на Македонците во Бугарија преку политички и културни друштва, кои програмски ги застапувале и заштитувале македонските политички и национални интереси. Првите чекори на македонското организирано дејствување во бугарската држава може да се забележат во 80-тите години на 19 век, а со особена активност врз македонска национална основа се пројавува Младата македонска книжевна дружина (ММКД), која го издава списанието „Лоза“, поради што нејзините дејци се познати и како лозарите. Тие со својата дејност го прикажуваат посебниот историски, културен и етнографски карактер на Македонија, а истовремено прифатиле еден нов правопис и јазик на печатење на споменатото списание. Поради македонската национална и политичка активност, Младата македонска книжевна дружина (ММКД) била растурена, а списанието „Лоза“ било забрането од страна на бугарската влада предводена од Стефан Стамболов.

Младата македонска книжевна дружина (ММКД)

Почетоците на Младата македонска книжевна дружина (ММКД) може да се датираат кон крајот на 80-тите години на 19 век, кога во Софија било организирано тајно друштво познато како Македонско студентско друштво (МСД). Главни активисти на тајното друштво биле Дамјан (Даме) Груев, Петар Поп Арсов, Никола Дејков, Никола Наумов, Димитар Мирчев и Христо Поп Коцев. Особена улога во организирањето на друштвото имал истакнатиот македонски деец Коста Шахов, издавач и редактор на весникот „Македонија“, во кој се афирмирале интересите на Македонците. Македонското студентско друштво (МСД) имало конспиративен карактер, а една од неговите главни цели било спротивставување на пропагандите во Македонија, кои го делеле народот на Срби, Грци и Бугари. Активноста на МСД била краткотрајна. По убиството на бугарскиот министер за финансии во март 1891 година, Даме Груев и Никола Наумов биле уапсени, а дејноста на друштвото замрела.
Меѓутоа врз остатоците на МСД израснала Младата македонска книжевна дружина (ММКД), во чии редови влегле и истакнати македонски интелектуалци што живееле, работеле или студирале во Софија. Меѓу нив биле: Петар Поп Арсов, Георги Баласчев, Иван Хаџи Николов, Ефтим Спространов, Коста Шахов, Климент Караѓулов и други. Како основа за нивно дејствување послужиле идеите и концептите на Македонското студентско друштво (МСД). Својата идеологија ја образложиле во списанието „Лоза“, кое започнало да излегува во јануари 1892 година, а негов редактор бил Петар Поп Арсов.

Македонската јазична посебност

Македонскиот историчар Ванчо Ѓорѓиев за дејноста на лозарите вели: „Лоза низ своите страници на мошне вешт начин настојува да го прикаже посебниот историски, културен и етнографски карактер на Македонија. Лозарите прифатиле еден нов правопис и јазик на којшто го печателе списанието, со тенденција тој да послужи како основа за идниот литературен јазик на Македонија.“
Лозарите прифатиле нов правопис и јазик што се печател во списанието „Лоза“. Новината се состоела во отстранување на знаците ъ и ь од крајот на зборовите, а за означување на мекоста се предвидувал симболот (`), за членување на машкиот род во еднина се отфрлала формата ьт и се заменувала со от. За означување на дифтонзите я и ю се употребувале i + a = ја, i + y = ю. Тенденцијата за нов правопис и јазик е особено видлива во расказот „На Мокров (расказ од животот на Македонците)“ напишан од Петар Поп Арсов и објавен во „Лоза“. Поп Арсов во својот расказ за меките македонски консонанти ја употребува формата на графеми, онака како што Крсте Петков Мисирков ја употребил 11 години подоцна во делото „За македонцките работи“.

Македонската национална посебност

Младата македонска книжевна дружина (ММКД) и „Лоза“ биле обвинети од бугарското општество дека имаат тенденции кон национален сепаратизам. Ова е особено забележливо во бугарскиот весник „Слобода“ и во текстовите на Д.Т. Левов.
Од споменатиот автор во понатамошниот дел на натписот можеме да прочитаме: „Како што гледате македонската дружина вели дека нивната татковина е Македонија; последната е населена од особено словенско племе, наречено Македонци; и дека таму се собрале севозможни надворешни елементи, т.е. Бугари, Грци, Срби и др. кои се воодушевуваат од своите планови и интереси; дека целта им е да ни дадат еден силен отпор и да се сочуваат… Лека полека ќе го подготвуваат бугарското општествено мислење за одделување на Македонија од Бугарија и полека лека ќе ги воведуваат зборовите од охридското наречје, коешто ќе биде литературен јазик на идната Голема Македонија… Итро и вешто замислено и тоа знаете каде? – во Софија, во срцето, во центарот на Бугарија и бугаризмот!!! Цело организирано друштво со своите средства работи кон поткопување на целоста на бугарскиот народ.“ (Слобода, 13 април 1892 година, број 786, страница 3).
Поради својата македонска дејност, Младата македонска книжевна дружина (ММКД) била растурена, а списанието „Лоза“ било забрането од страна на бугарската влада предводена од Стефан Стамболов. Ова го потврдува и Крсте Петков Мисирков, кој вели: „Тоа духовно движење не ѝ се допадна на бугарската стамболова влада, која забрани да се издава Лоза и зафати да ги гони македонските сепаратисти.“