Деновиве во јавноста се пласираа две спротивставени гледишта во однос на процедурите и постапките за користење на енергијата од сонцето.
Од „Зелен хуман град“ тврдат дека со олеснувањата за поставувањето на фотоволтаиците ќе се нанесат непоправливи штети за животната средина.
Од Министерството за транспорт, пак, нагласуваат дека сите постапки се во функција на зачувување на животната средина и дека токму екологистите претходно дале согласност за тоа

Дали експанзијата на „еколошката“ енергија носи повеќе полза или штета за животната средина!?

Енергетската криза и недостигот од струја од домашно производство ја принуди Владата да направи измени на законската регулатива, со која ќе се олесни постапката за поставување фотоволтаици на индивидуалните објекти, колективните згради и стопанските објекти. Како најголема измена што беше направена е тоа што граѓаните и фирмите ќе можат да поставуваат фотоволтаици за производство на струја на покривите без да бараат одобрение од локалната самоуправа. Покрај поедноставување на постапките, кои се предвидени во Законот за градба, се предвидува фотоволтаици да може да се стават во индивидуални објекти за домување до шест киловати, a и кај правни субјекти до 40 киловати. Инвеститорите треба само да ја известат матичната општина и да достават извод од Централен регистар доколку станува збор за фирма, или копија од лична карта за физичко лице. Потребен ќе биде и имотен лист за објектот или договор со сопственикот на објектот, како и основен проект за поставување фотонапонска електроцентрала.
Овие и другите измени беа усвоени по скратена постапка во Собранието минатиот месец, но како што забележуваат од еколошките здруженија и активисти, зад превезот за олеснување на процедурите за поставување фотоволтаични електроцентрали ќе се дозволи неконтролирана изградба на објекти за разни намени, за кои нема да важат никакви правила (ниту просторен план, ниту заштита на шумско и земјоделско земјиште). Во оваа насока е и реакцијата од „Зелен хуман град, во која се наведува дека олеснувањата за поставување на фотоволтаиците се прават за да се задоволат интересите на крупниот капитал, со што ќе нанесат непоправливи штети за животната средина. Примената на новите законски решенија ќе овозможи легализација на индустриските дивоградби од преработувачката и загадувачката индустрија, доколку тие во рок од една година од поднесувањето на барањето за легализација постават фотоволтаични централи на своите покриви, предупредуваат од еколошката организација.

Од „Зелен хуман град“ имаат забелешки и на најновата верзија на Правилникот за урбанистичко планирање, која е добиена од Министерството за транспорт и врски, а која уште е отворена за измени. Со новите предложени измени на правилникот, на парцела што се води како земјоделско земјиште од прва класа без никаков проблем и процедура може да се инсталира фотоволтаична централа! Така, земјиштето не мора да се пренамени во градежно (наводно во имотен лист ја задржува основната намена: земјоделско, шумско итн.), а во меѓувреме тоа што не се бара пренамена ќе ги прескокне вообичаените процедури за заштита на земјоделско земјиште и за заштита на шуми и добивање согласност од министерството. Ова значи, како што објаснуваат од ЗХГ, дека се овозможува прескокнување на секакви процедури што се однесуваат на заштита на високостеблеста шума, заштита на квалитетно земјоделско земјиште, правила за оформување парцели, правила за сообраќаен пристап и не важи никаков просторен план. Олеснувањата наменети за ФВ-централи важат и за други намени, како на пр. викендички, вили, рударство итн. Заштитените подрачја се, исто така, на удар. Нивната заштита е уредена во плановите за управување, но како пример ќе го наведеме случајот со националниот парк Галичица кога имаше силен притисок од тогашната власт незаконски да се резонира заштитеното подрачје. Следствено, во заштитените подрачја не се изложени на ризик од масакр само заштитниот појас и зоната за одржливо користење туку и зоната за активно управување и зоната за строга заштита стануваат лесна цел за неповратно уништување, тврдат екологистите.
Во одговорот од Министерството за транспорт и врски во врска на изнесените забелешки од екологистите велат дека „се манипулативни и неточни информации изнесени во јавноста во однос на постапките на измените на Правилникот на урбанистичко планирање“. Водејќи се од транспарентноста на постапките, Министерството за транспорт и врски има воспоставено редовна пракса за вклучување на стручната јавност и граѓанскиот сектор и сите други заинтересирани страни во процесот на подготовка на законските и подзаконските акти.

– Нејасна е реакцијата од граѓанското здружение „Хуман зелен град“ во однос на вклученоста во измените на Правилникот за урбанистичко планирање, од причина што во стручната расправа одржана во министерството на 22 октомври 2022 година, присуствуваа и засегнатите институции и невладини организации. На истата средба е отворена дискусија во која беа поднесени одредени сугестии и истите тие се усогласени со сите присутни на стручната расправа. Усогласеност дадоа и од „Хуман зелен град“, за што постои и електронска комуникација. Од тие причини е несфатлива реакцијата од ХЗГ за забелешките што претходно и тие ги прифатиле и за кои дале согласност. Прашуваме дали во оваа енергетска криза, кога граѓаните, компаниите и граѓанскиот сектор бараат поедноставување на постапките за поставување фотоволтаици, од ова здружение се против искористување на сончевата енергија како најевтин енергетски ресурс. Дали од ова здружение се заинтересирани граѓаните да користат фотоволтаици, како еколошки најисплатлив начин на производство на енергија или се да останат на користење на фосилни горива, кои ги загадуваат човековата средина и воздухот – се наведува во одговорот од Министерството за транспорт.
Од ресорното министерство потенцираат дека Правилникот за урбанистичко планирање, кој сѐ уште е во фаза на подготовка, се носи исклучиво во транспарентна постапка. Исто така, додаваат дека како влада и министерство силно се посветени на поедноставување на сите постапки со цел да го намалиме влијанието на енергетската криза и да се заштити животниот стандард на граѓаните, а притоа да не се влијае врз загадување на животната средина. М.Ј.