Фото: Принтскрин

Ја менуваме методологијата и наместо оние со високи пензии да добиваат уште повеќе, ќе се грижиме за пензионерите со пониски пензии – рече денеска на прес-конференција за ребалансот на Буџетот, министерката на финансии Гордана Димитриеска – Кочоска.

Таа посочи дека со ребалансот предивдени се пет милијарди денари за исплата на пензиите. Математиката е иста и не постои разлика – вели министерката, нагласувајќи дека притисокот од промената на методологијата на Владата за исплата на пензии е многу мал.

– Две и пол илјади денари се износ којшто нема да влијае многу, единствено редистрибуцијата е различна. Да, можеби ќе има оптоварување за следната година, под претпоставка дека инфлацијата ќе се намалува уште и просечната плата нема да расте. Доколку продолжиме со овој тренд, ние во месец март повторно нема да имаме направено некакви притисоци врз Буџетот. Пензионерите во моментот имаат закон, тој закон ние го почитуваме и велиме покрај тој закон, ние даваме уште нешто плус, кое што не е повеќе од седум и пол милиони евра, толку е за оваа година, но правиме правилна редистрибуција на средствата – рече Димитриеска – Кочоска.

Додаде дека со овој тренд во однос на просечниот раст на платите, инфлацијата повторно ќе биде иста.

– Ако исто имаме 10 отсто раст, значи пак ништо не сме направиле, односно 10 милиони евра дополнително оптеретување на Буџетот врз основа на тоа што сме предложиле поразлична методологија. Не можеме да гледаме дека сме направиле оптоварување на Буџетот заради промена на методологија, која што во вкупен износ кога ќе ја соберете, не е многу поразлична од тоа што им следи во моментот по закон. Истото ќе биде и во март. Може да биде поголем притисок, доколку просечната плата и инфлацијата растат помалку, тогаш нема да е 10 отсто, туку тогаш ќе кажеме дека фискалните импликации од тие 2,500 денари ќе бидат малку поголеми. Меѓутоа, Буџетот за 2025 година е веќе нешто сосем друго, кое што ќе го правиме од почеток сами каде ќе се внимава на секој еден трошок – истакна министерката.

Доколку не бил направен маневр со кој буџетскиот дефицит за 2023 година е намален за повеќе од 100 милиони евра, Димитриеска – Кочоска нагласи дека немало да има проблем за пензиите.

Појасни дека наместо во декември минатата Влада да исплати пензии во вредност од седум милијарди и сто милиони денари, во јануари е евидентирано исплата на дупла пензија.

– Слушнавте дека пет милијарди денари имаме зголемување. Јас ви кажувам дека седум милијарди и сто милиони денари, наместо да ги исплатат во декември, со некакви маневри кои што до овој момент не ми се објаснети, евидентирани се во месец јануари. И како резултат на тоа, значи имаме дупла пензија во јануари, а немаше доволно средства за исплата на пензиите во декември – рече Димитриеска – Кочоска.