Фото: Маја Јаневска-Илиева

Стоп на инфлацијата или луѓе на улица

Луѓето низ светот ќе почнат да излегуваат на улица ако не преземеме соодветни мерки и не го спречиме растот на инфлацијата. Ова е пораката на шефицата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Ѓеоргиева, која нагласува дека граѓаните низ светот поминале тежок период и серија кризи и доколку сега останат и без чувството дека ќе преживеат, тогаш останува само улицата.
– Ако не можеме да ги заштитиме чувството за преживување и чувството на солидарност, тоа е она што ќе се случи. Ќе има луѓе на улица на глобално ниво доколку не се преземат чекори за заштита на најранливите од инфлација – вели Ѓеоргиева.
Таа смета дека уфрлањето пари во економиите со владини интервенции оди во спротивна насока од заложбите на монетарната власт да се намали инфлаторното движење.

Денови на македонскиот мед

Посетителите од вчера до 30 септември, на штандовите поставени на улицата Македонија ќе можат да купат природен мед, матичен млеч, полен, прополис, комбинации на природен мед со лековити билки, природна козметика, но и други пчелини производи, во рамките на манифестацијата наречена „Денови на македонскиот мед 2022“.

На отворањето на манифестацијата беше посочено дека како општество неминовно е да го смениме односот и да го прифатиме медот како значаен животен продукт во исхраната. Статистичките податоци укажуваат дека ние трошиме помалку од еден килограм мед годишно по жител, додека во многу земји во светот тоа е десет пати повеќе. Исто така, како што тврдат познавачите, на пазарите сѐ повеќе е присутен мед што се меша со разни сирупи за да се добие брз профит, при што се уништуваат неговите природни својства и поради тоа е потребна соодветна едукација на купувачите. Инаку, манифестацијата по 18-ти пат ја организира пчеларското здружение „Матица“ од Скопје, со поддршка од Општина Центар.

Манифестацијата, покрај изложбениот и продажниот, има и хуманитарен карактер. Тоа организаторите го истакнуваат преку разни донации за децата со посебни потреби.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на отворањето на манифестацијата порача оти посакува уште многу настани што ќе ги промовираат македонските производи.

Претседателот на пчеларското здружение „Матица“, Венче Билболовски, посочи дека од особена важност за едукација на посетителите е како да го препознаат вистинскиот мед од, како што рече, „напливот“ на сѐ поголем број фалсификати.
– Живееме во време кога напнатоста и стресот се општоприфатени како начин на живот. За жал, денес постојат голем број вируси, алергии, болести што пред стотина години не постоеле. Некои од нив се поради неправилната и вештачка исхрана.

Единствениот начин на кој луѓето можат да живеат во склад со природата е да ја почитуваат, да не ја загадуваат, да ги заштитат животните и инсектите, растенијата, зашто само таква природа може да ни обезбеди здрав живот со сите благодати. Еден од тие дарови на природата е медот, кој претставува единствена природна супстанција што уште од памтивек се сметала за храна и лек – истакна Билболовски.