Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи смета дека треба што поскоро да се донесат законските измени за платите на функционерите предложени од пратеничката група на СДСМ и оценува дека тоа е најдоброто можно решение во моментов. За платите на функционерите кои се именувани директно од Владата и не се опфатени со законските промени, ако нема можност да биде со владина одлука, предлага да ја направат управните и надзорните одбори.
– Иницијативата на овие шест закони е донесена од пратеничката група од СДСМ. Искрено мојот личен став е дека би требало да бидат усвоени најбрзо што е возможно, а за другото ќе видиме дали е возможно Владата воопшто да донесе одлука, но мојата порака ќе биде до сите директори согласно нивните надлежности, нивните управни и надзорни одбори ако Владата не е во позиција да донесе одлука заради членот 8 а којшто произлегува од Изборниот законик тоа да го направат самите – рече денеска Битиќи, на новинарско прашање по учество на РЕДИ Самитот 2024.
Веќе се консултираат со Државната комисија за спречување на корупцијата и Државната изборна комисија.
– Ако законски е возможно, имаме консултации и со Државната комисија за спречување корупција и Државната изборна комисија ако членот 8 а тоа не ни го забранува ќе биде предлог на седница на Влада па после таму се гласа или со консензус или со мнозинство од присутните на Влада – рече Битиќи.
Новиот состав на Владата со техничкиот премиер не дискутирал за намалување на коефициентоте за функционерските плати, за разлика од претходно кога имало неколку дискусии и законски решенија.
Прашан зошто предлогот во Собранието не е од Владата, туку од пратеници од СДСМ, рече дека „ немало разбирање од сите чинители кои се дел од Владата. – Ние како социјалдемократи коишто сметаме дека во општеството мора да има праведни и правични решенија сметавме дека тоа е начинот како треба во овој момент да се интервенира. Ќе видиме во Собрание дали пратениците ќе најдат разум да ги изгласаат, рече Битиќ.
Ако се прашувал тој, како што рече, ќе требаше да се вратиме на целосно нова методологија, да биде истата како за работниците во јавниот сектор. – Но, јас сум еден од 20-те министри и затоа сметам дека ова е најдоброто можно решение во овој момент за општеството, изјави Битиќи.
Пратениците на СДСМ и коалицијата во Собранието поднесоа измени на Законот за платите и други надоместоци на избрани и именувани лица, Законот за пратениците, Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители, Законот за платите на судиите, Законот за платите на јавните обвинители и Законот за платите на членовите на Судски совет, сите по скратена постапка. Целта на измените, како што образложија, е да се спречи зголемувањето на функционерските плати, кои беа зголемени за 78 проценти во март лани, откако Уставниот суд ја укина фиксната основица.