Фото: Игор Бансколиев

АНАЛИЗА: КАКО ДО ПОВИСОК РАСТ НА ЕКОНОМИЈАТА (4)

Иако на прв поглед терминот „евтини пари“ е сленг и неговото значење алудира на нелогичност, сепак овој термин е одомаќен и во сериозните дискусии на економско-финансиски теми, и тоа кај сите оние што размислуваат за инвестиции, динамичен раст и на долг рок. Без разлика дали дискусиите се во контекст на економски раст на државата и пораст на БДП или, пак, се работи за планирање и работа на микро и мали претпријатија или, пак, за едноставни лични граѓански потреби

Растот на домашната економија и експанзијата на нашите компании со поголем извоз на производи со повисока додадена вредност се речиси невозможни без соодветна поддршка од банкарскиот сектор и кредитните институции. Тоа, всушност, го покажуваат и многубројните примери и искуства од земјите со висок раст. По серијата анализи како до поголем раст на бруто-домашниот производ и со кои мерки и чекори би можела нашата економија да расте доволно за да се достигне стандардот на европските земји, неизбежно се наметна и прашањето како бизнис-заедницата да финансира иновативни претприемачки идеи и проекти. Или, со други зборови, како да се дојде до евтини пари, кои потоа би се алоцирале во производствени и развојни инвестициски циклуси, како отскочна штица за зголемен раст. Општо е познато дека компаниите што се веќе добро разработени и кои имаат доволно искуство и позитивно кредитно портфолио нешто полесно доаѓаат до пари, но сепак и условите што им се нудат и ним се далеку од сјајни… Уште поголем проблем настанува кога индивидуалци, микро, мали, па дури и средни претпријатија, следејќи го иновативниот и креативен претприемачки дух, преку анализа или едноставно само со својот инстинкт, сакаат да добијат поддршка за реализација на идеите.

Кредитни линии?

Додека во светот каматите се движат околу 1-2 отсто, особено за компаниите, во Македонија тие сѐ уште се на многу повисоко ниво отколку што се светските. Во таа насока, во продолжение на серијалот написи, акцентот го ставаме на евтините пари и како компаниите да дојдат до нив за побрз развој, што во крајна инстанца ќе резултира и со повисок раст на економијата. Аналитичарите се согласни дека е потребна позасилена поддршка од државата наменета за стопанството, која ќе го стимулира за поголем развој.

Иако американската економија е силна, сепак, веќе извесен период има реакции за зголемувањето на каматните стапки од Федералните резерви на Америка, а тоа би значело и поскапо задолжување на инвеститорите. Додека, пак, во Македонија каматните стапки постојано растат и се огромен товар, особено на компаниите чиј најголем дел од парите завршува во банките за отплата на кредитите.
Доналд Трамп во последниве недели ги нападна Федералните резерви заради зголемувањето на каматните стапки во Америка, тврдејќи дека тие ќе ги попречат неговите напори за забрзување на растот преку намалувањето на даноците. Каматните стапки беа зголемени трипати годинава и од Федералните резерви сигнализираа уште едно зголемување до крајот на годинава, како и зголемување од трипати во 2019 година. Зголемувањето беше со четвртина процентен поен до опсегот 2-2,5 отсто, и тоа е највисоко ниво на камата во 10 години во САД. Трамп смета дека премногу брзо се дејствува во оваа одлука и дека треба да се задржат ниските каматни стапки, бидејќи тоа поттикнува заеми за развој на бизнисот, и дека оваа политика треба да продолжи и понатаму.
Во исто време имаше загриженост и од страна на инвеститорите за забрзување на инфлацијата и повисоките каматни стапки на централната банка.

Каков е ставот на нобеловците по економија?

Нобеловецот за економија Пол Кругман вели дека државата треба да инвестира и во полуурбаните локации, со потенцијал да привлечат и да задржат голем технички талент.
– Во текот на минатата генерација, американските региони се соочија со големи економски разлики. Богатите метрополски области станаа уште побогати, привлекувајќи уште повеќе брзорастечки индустрии во земјата. Истовремено, малите градови и руралните области беа изоставени и економски назадна – вели Кругман.
Според него, оваа економска поделба се рефлектира во политичката поделба, а тој вели и дека повторно треба да се отворат традиционалните работни места во производството и рударството и државата да го поддржи стопанството.
И додека во САД и политичарите и бизнис-заедницата остро реагираат за зголемување на каматите од четвртина процентен поен, при камати од 2 проценти, кај нас каматните стапки се повисоки.

Светските искуства и практика ги дефинираат евтините пари како задолжувања сo ниски каматни стапки, кои потоа се алоцираат во проширување на развојот и инвестициите. Се поставува прашањето како да се дојде до евтини пари во Македонија како отскочна штица за зголемен раст

Каква е состојбата во Македонија?

Бизнис-заедниците во Македонија истакнуваат дека за одредени клиенти, за веќе разработените компании, начелно не постојат пречки за добивање кредити, но согласни се дека поголема кочница има кај поновите или новоотворените бизниси. Коморите посочуваат и дека на компаниите им се потребни повеќе кредити со поволни каматни стапки за стопанството.

– Компаниите со добра кредитна историја немаат никаков проблем да добијат кредит од банките. Исто така, ниту една банка нема проблем да кредитира добар и издржан проект. Но со години зборуваме за развој на претприемаштвото, а банките немаат продукт што би им дал импулс на стартап-бизнисите, велат од Сојузот на стопански комори на Македонија.
Оттаму истакнуваат дека во земјите-членки на Европската Унија имаат позитивни примери, особено во Велика Британија, каде што има одлични производи за стартап-компаниите со минимален ризик, бидејќи имаат добри и издржани бизнис-планови.
Претставниците на македонските банки истакнуваат дека едни од нивните главни цели се токму кредитирање на компаниите и солидни бизнис-проекти, додавајќи дека сепак одлуката за тоа дали еден проект ќе добие банкарски кредит зависи од повеќе фактори.

– Кредитирањето на корпоративниот сектор е носечка кредитна активност на банката. Обемот на кедитирање варира од година на година, во зависност од повеќе фактори. Ако ги исклучиме екстерните фактори, пред сѐ општата политичка и безбедносна состојба во државата, кои директно влијаат на побарувачката на кредити од страна на стопанските субјекти, но и на понудата на кредити од страна на банките, најбитен е интерниот економски фактор, односно оцената на кредитоспособноста на компаниите-баратели на кредити, како и квалитетот или оправданоста на предложените проекти за финансирање – велат од Комерцијална банка АД Скопје.
Оттаму истакнуваат дека во овој период каматните стапки по кои им се доделуваат кредити на компаниите се ниски и стимулативни за компаниите, но потврдуваат дека одобрувањето на кредитите пред сѐ зависи од кредитоспособноста на апликантите.
– Во однос на каматните стапки, цениме дека во моментов тие се на најниско можно ниво, односно се максимално стимулативни за компаниите, да се задолжуваат со цел финансирање конкретни зделки, а уште повеќе за да ги реализираат нивните инвестициски идеи. Висината на каматата за компаниите зависи од висината на кредитниот ризик, која банката индивидуално ја цени кај секој поединечен барател на кредит, а кој пак е во директна спрега со бонитетот или кредитоспособноста на компаниите, како и на предложениот проект за финансирање – додаваат од Комерцијална банка.

Дали се доволно евтини парите кај нас?

Посебни кредитни линии за македонските компании се даваат од страна на Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР), чија цел е токму обезбедување евтини кредити за компаниите, но со конкретни насоки кои области би можеле да конкурираат на еден оглас.

– Преку МБПР се реализираат 13 кредитни линии со поволни кредитни услови, при што особено би ја истакнале актуелната кредитна линија од Европската инвестициска банка наменета за поддршка на македонските претпријатија, која е со фиксна каматна стапка до 3,2 отсто годишно и е со рок на отплата до 12 години. Потоа кредитната линија за производство, преработка и извоз на земјоделски производи, која е со фиксна каматна стапка од 2 проценти годишно и е со рок на отплата до пет години, како и другите кредитни линии што ги реализира МБПР и кои исто така вклучуваат повеќе поволности, како што се фиксни каматни стапки, гарантна шема, долги рокови на отплата и слично – велат од МБПР.

Оттаму истакнуваат дека на компаниите им нудат и алтернативни извори за финансирање како факторингот, еден вид откуп на побарување, преку кој се премостува периодот од извозот до наплатата. МБПР врши и осигурување на побарувањата на компаниите на домашниот и странските пазари, со што на компаниите им го намалува ризикот од ненаплата.

Преку кредитните линии од МБПР, во согласност со законите и по принципот на неконкурентност и компатибилност, поддржани се 10 отсто од вкупното тековно банкарско кредитно портфолио во Република Македонија за компаниите.
Каматите на кредитите што ги доделува МБПР се движат од 1 отсто кај кредитна линија за самовработување, која се реализира заедно со Агенцијата за вработување на Македонија, па до 5 проценти на годишно ниво, и тоа е кредитна линија со гарантна шема.

Кредитните линии се наменети за сите сектори, освен за оние од областа на производството на оружје, коцка, клонирање и еколошки неприфатливи проекти.
– Каматите на кредитите зависат од повеќе фактори, како што се цената на изворот на средствата, ризиците што се преземаат, ризикот на земјата, маргините и слично. Според нас, за компаниите што имаат добра кредитна историја, добри проекти, солидни биланси и соодветно обезбедување секогаш има простор за намалување на каматните стапки, што е случај и во македонската практика – истакнуваат од Македонска банка за поддршка на развојот.

Со ова на некој начин се потврдува и наклонетоста кон веќе реномирани и изградени брендови и компании во земјава, кои веќе се корисници на кредити во банките во Македонија. Но тоа исто така е сигнал за проблемите со кои се соочуваат малите и средните компании, а особено новоотворените компании, или, пак, индивидуалци што имаат бизнис-идеи, бидејќи тие тешко можат да ги остварат своите идеи поради неможноста да дојдат до свежи и „евтини“ пари.

Економска рубрика на „Нова Македонија“

(продолжува)