Фото: Игор Бансколиев

Од 30 септември 2016 година досега сени сите фиксни броеви од телефонскaта централа во Јавното обвинителство на Република Македонија и на два хард диска се снимани сите комуникации, соопшти вчера на средба со новинарите државниот јавен обвинител Љубомир Јовески. Веднаш по оваа објава и Основното јавно обвинителство-Скопје информира дека е започната предистражна постапка за случајот, а од Владата констатираа дека прислушувањето е рецидив од минатите структури. Станува збор за нова зграда, во која се сместени Основното, Вишото и Републичкото јавно обвинителство.

Со оглед тоа што ЈОРМ е во овие простории од 2013 година, ќе се утврдува дали податоците претходно се бришени, а ќе се истражува и дали опремата била набавена со опција за снимање, или дополнително било направено тоа. Ќе се истражува и дали се снимале разговори во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кое е сместено во друга зграда.

– Ќе се утврдуваат сите аспекти од настанот, вклучувајќи проверка на тендерската документација за набавка на опремата, овластувањата за нејзино користење, како и дали, во колкав обем и за кои цели е вршена употреба на снимените податоци – се вели во соопштението.

Од Владата, пак, остро го осудија случајот со снимените телефонски разговори во Основното јавно обвинителство и констатираа дека „ваквите појави се рецидив од минатото и практика на минатите владејачки недемократски структури“.
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски истакна дека Владата очекува институциите со полн капацитет да се посветат на истрагата, да се расчисти настанот и јавноста да биде веднаш и целосно информирана.

– Тоа што можеме да го кажеме во моментов е дека МВР е целосно вклучено во предистражната постапка. Одговорноста мора да биде идентификувана, утврдена и целиот случај да има ефикасна судска разврска. Владата на РМ исто така му ги става на располагање на ОЈО сите капацитети со кои располага доколку е потребно и биде побарано – изјави Бошњаковски.