Фото: Дарко Андоновски

Експертите укажуваат дека самиот карактер на земјоделското производство оневозможува да се произведува сѐ што бара пазарот, па нормално е одредени производи да доаѓаат од увоз. Но проблемот се усложнува, бидејќи сѐ повеќе се увезуваат нови производи, со повисок степен на додадена вредност, поради што се зголемува вредноста на увозот на овие стоки

Во Македонија изминатата година била увезена храна во вредност од 628 милиони евра, додека, пак, дополнителни 82 милиони биле потрошени за увоз на пијалаци и тутун. Анализите на Државниот завод за статистика покажуваат дека увозот на храна значително се зголемил последниве години, бидејќи во 2008 години за увоз на храна биле потрошени 424 милиони евра. Експертите велат дека една од причините за растот на увозот на храна е слабото домашно производство, а друга, поголемата додадена вредност на производите што ги увезуваме. Тие посочуваат дека станува збор за комплексна тема, која треба да се разгледува од повеќе аспекти и дека проблемот се продлабочува и поради либерализацијата на пазарот.

– Прашањето за билансот на надворешнотрговската размена на Македонија во делот на земјоделско-прехранбените производи, заслужува посериозни и посеопфатни анализи. Растот на негативниот биланс е резултат од повеќе причини. Една е либерализацијата на пазарот, Македонија како членка на Светска трговска организација има потпишано договор за слободна трговија без царински давачки и други бариери. Исто така, членка сме на ЦЕФТА, а имаме повеќе билатерални договори за слободна трговија – вели професорот Драги Димитриевски од Факултетот за земјоделски науки и храна.

Тој појаснува дека ваквите договори овозможуваат слободен пристап на стоки од земјоделско-прехранбениот сектор од државите-потписнички на овие договори на македонскиот пазар, а за кои во минатото државата имала одредени заштитни механизми (царини, квоти).

– Ако се има предвид дека голем број од овие држави во производството имаат значителна конкурентна предност во однос на нашите производители се создава можност тие увезени стоки да го зголемуваат своето присуство на нашиот пазар со што се зголемува увозот како по количества така и по вредност – додава Димитриевски.
Извозот на храна лани достигнал 319 милиони евра, но податоците од ДЗС покажуваат дека увозот расте многу побрзо од извозот, поради што дефицитот во трговијата со храна секоја година се зголемува. Ако се анализира структурата на извозот и на увозот на храна, се доаѓа до заклучок дека над 50 отсто од извозот се должи на свежо овошје и зеленчук, додека најголеми увозни ставки се месото, житото, овошјето, зеленчукот и млечните производи.

– Проблемот не треба да се лоцира само кај примарното производство туку и кај преработувачката индустрија. Ние извезуваме свеж зеленчук и овошје, а потоа трошиме милиони за да увеземе замрзнат или конзервиран. Ова се провлекува уште од времето на СФРЈ. Потребни се сериозни структурни промени – објаснува Тања Соколовиќ, агроекономистка.

Според податоците на Државниот завод за статистика, земјоделската површина во Македонија изнесува 1.266.008 хектари, од кои обработливи се 516.870 хектари, ораници и бавчи се 416.709, овоштарници – 16.546, лозја – 23.703 и ливади – 59.912 хектари.

– Биолошкиот карактер на земјоделското производство оневозможува да се произведува сѐ што бара пазарот, па нормално е производите што не може да се произведат во нашите климатско-географски услови да доаѓаат од увоз. Но доколку се стави ова во корелација и со зголемувањето на доходот на населението, развојот на поединечни стопански сектори, туризмот пред сѐ, зголемувањето на бројот на странски резиденти, кои по разни основи престојуваат во нашата држава, секако се отвора прашањето и за преференциите на потрошувачите, или нови потрошувачки барања – вели професорот Димитриевски.

Тој истакна дека поради ваквиот развој на пазарот сѐ повеќе се среќаваат нови производи, како и производи што имаат повисок степен на додадена вредност, поради што се зголемува вредноста на увозот на овие стоки.

– Исто така, поради ограничувачки природни фактори македонското земјоделство и во минатото не можело да произведе доволни количества на производи за задоволување на домашната побарувачка, па потребата од поединечни производи се задоволувала со увоз (пченица, месо, млеко). Во последните години и во овој дел состојбите се влошуваат, главно поради климатските промени и натамошното намалување на приносите и производството, па така и во овој дел има зголемување на увезените количества и вредноста – истакнува Димитриевски.


Потребен е нов концепт за развој на земјоделството

Во поглед на земјоделската политика, а пред сѐ политиките на буџетска поддршка, професорот Драги Димитриевски истакнува дека истите тие во минатиот период доживеале неколку фази на развој, и додава дека се неопходни реформи во земјоделската политика
– Треба да се истакне периодот по 2007 година, кога настана реформата во насока на приспособување кон мерките на заедничката земјоделска политика на ЕУ. Битно е да се истакне зголемувањето на износот на средства од буџетот, повеќе од 20 пати во однос на претходниот период. Со овие политики сопреа негативните тенденции во поединечни потсектори на земјоделството, како сточарството, а во поединечни потсектори, видливи се позитивни тенденции како во градинарството, лозарството и овоштарството – објаснува професорот.
Димитриевски додава дека има и слаби страни кај овие политики, како што се честите годишни измени на програмите особено во делот за воведување плаќање по произведено количество, нискиот удел на средствата на програмата за рурален развој, како и структурни политики. Сепак, професорот смета дека е дојдено време за нови подлабоки реформи на земјоделската политика и за целосно нов концепт за развој на земјоделството.