Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија, како земја со висока невработеност, и досега се соочуваше со потреба од поголем ангажман на работници, но со здравствено-економската криза што нѐ зафати и нас, како и поголем дел од европските земји, станува јасно дека е дојден период за промени што ќе резултираат со потреба за креирање работни места и ангажираност со сосема различна природа

Трансформации на пазарот на трудот

Ширењето на пандемијата на ковид-19 не само што изискува потреба од спасување на бизнисите туку веќе наметнува потреба од поттикнување и создавање нови работни места. Со соочувањето со новиот бран на ширење на вирусот, како и сѐ поизвесните нови рестриктивни мерки, опасноста дека одредени економски оператори тешко ќе ги надминат се зголемува. Ударот врз економијата, според светски економски институции, ќе биде поголем од очекуваното, но токму ова, според врвните европски лидери, треба да биде причина повеќе да се поддржат работните места, но и да се размислува како да се креираат нови.

– Мерките за поддршка треба да останат во сила онолку колку што е потребно за да се избегнат колапс на економијата и зголемена нееднаквост. Сепак, мора да ги препознаеме постојаните промени што се случуваат и, за да го извлечеме максимумот од нив, да започнеме со трансформација на економијата сега. Не само што треба да ги заштитиме постојните бизниси туку исто така мора да создадеме и нови, кои одразуваат нови модели на побарувачка по пандемијата – кажа Кристин Лагард, претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ).
Ваквите изјави од европските лидери упатуваат дека се неопходни промени во секоја економија, промени што ќе резултираат со нови работни места и со поголема ангажираност на работната сила. Македонија, како земја со висока невработеност, и досега се соочуваше со потреба од поголем ангажман на работници, но со здравствено-економската криза што нѐ зафати и нас, како и поголем дел европски земји, станува јасно дека е дојден период за промени што ќе резултираат со поголема работна ангажираност.

– Генерално, ние како држава не сме подготвени за некои големи структурни промени, ниту досега сме биле подготвени, поради што искуството не дава голем оптимизам дека сега ќе направиме големи промени. Сепак, сметам дека можеби оваа ситуација ќе биде причина повеќе најпосле да разбереме дека без постојани промени, без приспособување и подобрување, нема да постигнеме ништо. Пандемијата е показател плус дека без промени не можеме да напредуваме, тоа како форма мора да го прифати и бизнис-заедницата, но и Владата, за да ги стимулира и да ги поттикнува промените – вели универзитетскиот професор Ванчо Узунов.
Тој посочува дека во земјава има сектори и компании со потенцијал за вложувања што би поттикнале креирање нови работни места, но за да напредуваат, според него, компаниите треба да бидат поддржани.
– Добро е што во земјава голем број млади лица изучуваат ИТ-вештини, бидејќи истите тие се многу барани, а се очекува и во иднина да бидат уште повеќе барани, и добро е што младите ги прифаќаат овие новитети, што ќе даде подобри можности за вработување и за структурни промени. Но, од друга страна, имаме и голем број лица што не се подготвени на промени, на адаптации, и за нив се трошат големи финансии за спасување и за поддршка во тешки мигови.

Не се залагам за истите тие да се остават без никаква помош, напротив. Но сметам дека и на успешните им треба поддршка, бидејќи нивниот успех ќе резултира во уште поголем раст на фирмата и со нови производи, кои ќе водат кон нови вработувања, кон ширење на бизнисите. Кај нас, поддршката за успешните се смета за штетна, се бара само поддршка за оние што се во загуби и веќе со децении цело време спасуваме загубари, но треба да се поддржат и добрите, бидејќи тие успеале со својата идеја и се приспособиле на промените, па можат повторно да го направат тоа и истовремено да обезбедат работа за нови работници – посочува Узунов.

Тој додава дека во Македонија има успешни фирми во различни сектори, дури и во традиционален сектор како што е земјоделството. Посочува дека има компании што со својата иновативност, нова технологија или, пак, нови начини на производство станале успешни на пазарот и истакнува дека за успех не е битен секторот, туку фирмата и колку таа успешно ги користи потенцијалите со кои располага.
– Потребни се промени, да се приспособуваме, светот се менува, треба и ние да се адаптираме, треба да се користат придобивките што ги имаме и да напредуваме. Многу е важно колку се подготвени и луѓето и компаниите на промени, на адаптации, за да можат да ја надминат кризата и за да излезат од неа со нови идеи – истакнува професорот, посочувајќи дека големо внимание треба да му се посвети и на образовниот процес, како предуслов за создавање квалитетни кадри. Според него, и покрај промените што се прават во образованието, сепак, младите не се учат како да размислуваат критички.
Претседателката на ЕЦБ, Лагард, во своето излагање, пак, истакна дека политиките преземени од централните банки и владите низ светот за време на кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот спречиле „катастрофална депресија“ и дополни дека мерките за фискална политика мора да останат во сила. Наедно дополни дека економското закрепнување на еврозоната останува неизвесно заради новите бранови на инфекција со ковид-19, што може да предизвика воведување построги мерки за физичко дистанцирање.

– Еден од основните предизвици на секоја економија е како до поголем економски раст и како да се искористат потенцијалите и предностите. Европската Унија го воведе концептот „паметна социјализација“, кој во земјите од Западен Балкан е во фаза на дефинирање. Во Македонија од 2018 година започна процесот на дефинирање и во тек е консултативен процес со приватниот сектор и со институциите во насока на дефинирање на приоритетните сектори, односно сектори со потенцијал за понатамошен континуиран раст преку соработка со научните институции и академската заедница. Паметната специјализација е пристап на интегрирана економска трансформација, која се базира на искористување на постојните потенцијали во економијата, иновациите и науката. Таа е ставена и како обврска во рамките на приспособувањето кон ЕУ, односно преговарачкиот процес Поглавје 25: Наука и истражување и Поглавје 20: Претпријатија и индустриска политика – вели Јадранка Аризанковска, виша советничка во Стопанска комора на Македонија.
Таа дополни дека сектори со најголема конкурентна предност во Македонија се прехранбената индустрија, енергетиката во делот на обновливи извори на енергија, металната, електро, машинската и автомобилската индустрија, ИКТ, туризам, одржливи материјали, минерални суровини,…

– Главна цел на воведувањето стратегија за паметна специјализација е да ја трансформира македонската економија во конкурентна економија, насочувајќи ги сите потенцијали на поддршка и развој во приоритетни сектори што се иновативни и со потенцијал за раст. Со новите финансиски програми, стратегијата за паметна специјализација ќе биде предуслов за користење на „Хоризонт Европа“, ИПА, како и други фондови на Унијата. Ова е исклучително значајно во процесот на креирање подобри економски политики за максимизирање на позитивните ефекти од државната поддршка за приватниот сектор, преку нејзино насочување кон претходно идентификуваните сектори во согласност со потребите и можностите на секој сектор и наоѓање механизми за зголемена соработка на бизнис-секторот со академијата и научноистражувачките центри – дополнува Аризанковска.