За целата состојба во индустриската зона во Битола, можеби најдобро зборува фактот дека дури и претседателот на Регионалната стопанска комора, кој беше еден од најголемите заговорници за нејзината изградба, иако купи парцела, својата фабрика за производство на млеко и млечни производи сепак ја изгради неколку километри подалеку, во селото Кравари

Во индустриската зона Жабени, која се наоѓа на само неколку километри од границата со соседна Грција, и покрај тоа што при нејзиното промовирање пред неколку години беше најавено вистинско цунами од инвестиции, засега функционира само една фабрика. На другите парцели, кои беа купени за десетици домашни и странски гринфилд-инвестиции, во моментов нема буквално ништо. А беа најавени инвеститори од Австралија, Италија, Германија, Турција, Украина, Холандија, Грција… Тоа што паѓа в очи е што дури и битолските „инвеститори“, кои купија парцели за по едно евро за квадратен метар, сѐ уште се воздржуваат од какви било активности.

Битолската јавност во последно време со право се прашува дали вредеше Битола и Владата да потрошат толку многу пари за урбанистичко уредување на зоната заради изградба на само една фабрика? Тие, исто така, се прашуваат и дали Битола требаше парите од продажбата на парцелите во касарната да ги пренамени за урбанизацијата на зоната, со што се доведе во ситуација подоцна да подигне кредит во износ од 2,5 милиони евра за урбанизација на касарната, бидејќи сопствениците на градежни парцели се заканија со тужби.

Многумина битолчани не можат ни да замислат што ќе се случеше со зоната доколку во неа не инвестираше и оваа единствената фабрика, која во последен момент, откако ги доби сите услови и поволности што ги бараше, се одлучи да ги вложи своите пари во изградба на погоните во кои во моментот работат над 6.500 луѓе, како од Битола така и од поширокиот регион, и која ангажира и голем број мали битолски фирми за дополнителни работи.

Причина за ваквите стравувања на граѓаните е што и по две години, од формирањето на новата локална власт, предводена од градоначалничката Наташа Петровска, досега во зоната не е дојден ниту еден домашен или странски инвеститор. Дополнителна грижа претставува и тоа што актуелниот директор во индустриската зона Жабени, кој е поставен од новата локална самоуправа и кој на оваа функција дојде од приватниот сектор, пред неколку месеци има поднесено оставка и чека и формално да биде разрешен од функцијата.

Во меѓувреме, поради ограничениот капацитет, единствената фабрика што функционира во зоната, има големи проблеми со пречистителната станица и доста често во некои од погоните се излева канализацијата. Засега никој не презема ништо за да го реши овој сериозен, не само инфраструктурен, туку и еколошки проблем.
За целата состојба во зоната, можеби најдобро зборува фактот дека дури и претседателот на Регионалната стопанска комора, кој беше еден од најголемите заговорници за нејзината изградба, иако купи парцела, својата фабрика за производство на млеко и млечни производи сепак ја изгради неколку километри подалеку, во селото Кравари.

Инаку, кога на почетокот на 2006 година беше промовиран проектот за изградба на индустриската зона Жабени, по нејзината урбанизација, за која општината Битола издвои над шест милиони евра, главно од продажбата на парцелите во и околу битолската касарна, на првата аукциска продажба со почетна цена од едно евро по квадратен метар беа продадени над 40 парцели. Тогашниот градоначалникот Владимир Талески, поради наводно огромниот интерес за купување парцели во Жабени, го промовираше и проектот Жабени 2 во кој исто така беа понудени парцели на продажба.

Сите тие, кои досега не почнаа да градат, се откажаа и од поволностите при плаќањето комуналии што ги нудеше претходната локална власт, но не се откажаа од парцелите што ги купија и чекаат поволни услови кога ќе ги продадат.