Субвенциите за купување на електрични возила во Германија доведоа до раст на побарувачката, но не можат да траат вечно, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел.

Германија сака да ја зголеми продажбата на електрични возила, посебно по скандалот со лажирањето на еколошките тестови на дизел моторите што во изминатите три години тешко ја погоди германската автомобилска индустрија.

Благодарејќи на субвенциите од милијарди евра продажбата минатата година повеќе од двојно се зголеми.

– Се разговара за продолжување…Но, тоа не можат да бидат трајни субвенции – рече Меркел, при тоа додавајќи дека целта од милион електрични автомобили наместо во 2020 година ќе се оствари во 2022 година.

Таа, исто така, ги повика европските држави да почнат да развиваат батерии кои во главно сега се набавуваат од азиските производители.

– Германија е подготвена да учествува – рече Меркел, која смета дека во тој поглед не е добра зависноста од Кина.