Фото: Игор Бансколиев

Невработеноста и недостигот од кадар мора да се решаваат со комбинирани мерки, за што треба мерките да се планираат на долг рок, за да можеме да дојдеме до целта, но потребни се многу инвестиции и многу знаење, а за инвестициите е потребен капитал, кој граѓаните и фирмите засега го немаат. Но би било идеален поттик кога банките би пласирале доволно „евтин капитал“ да поддржат добри проекти… Во секој случај, во прв план избива прашањето за реформи во образованието, а клучно е да почнеме да ја менуваме структурата на стопанствот

Зголемување на вработеноста како долгорочен предизвик

Во последниве месеци е регистрирана стапка на невработеност од 15,9 отсто. Иако на прв поглед невработеноста се намалува, нивото на невработеност, како и високите стапки на неактивност, и понатаму наметнуваат потреба од мерки што ќе го поттикнуваат вработувањето, но и мерки со кои ќе се зголеми опфатот на неактивните работоспособни граѓани на пазарот на трудот.

Стапката на невработеност да се намали
на 8,6 отсто, стапката на вработеност
да се искачи на 54,3 отсто

Во новата Фискална стратегија што неодамна ја усвои Владата се предвидува на среден рок стапката на невработеност да се намали на 8,6 отсто, додека стапката на вработеност да се искачи на 54,3 отсто. Европскиот просек на невработеност, пак, изнесува околу 6 отсто. Но за ова е потребно отворање нови работни места преку активните мерки за вработување што ќе бидат насочени кон креирање програми, мерки и услуги за вработување што ќе се спроведат за да се подобри функционирањето на пазарот на трудот и да се поддржи создавањето нови работни места, како и вработувањето млади лица.
Од Владата велат дека со ревидираниот Оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година, ќе се зголеми опфатот на корисниците на програмите за вработување за 1.216 невработени лица. Обезбедени се дополнителни средства за активни програми и мерки за вработување со ребалансот на буџетот во износ од 284 милион денари, за да се зајакне пристапот до активните политики за пазарот на трудот, особено за нискоквалификувани невработени лица и лица од ранливите категории.
Од бизнис-секторот велат дека невработеноста и недостигот од кадар мора да се решаваат со комбинирани мерки, за што бараат мерките да се планираат на долг рок, за да можеме да дојдеме до целта – зголемување на вработеноста.

Ќе нема можности за драстично зголемување на бројот на вработени поради иселувањето на младите

Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, смета дека во идниот период Македонија ќе нема можности за драстично зголемување на бројот на вработените лица поради проблемот со иселувањето на младите во странство.
– Сепак можеме да очекуваме дека бројот на невработени лица, по завршувањето на пандемијата предизвикана од ковид-19, ќе продолжи да се намалува. Можеби ова изгледа нелогично, но факт е дека имаме континуирано намалување на бројот на вработени во индустријата иако процентот на невработени се намалува. Најголемиот наш проблем е што нашето стопанство креира нови работни места што не се многу „интересни“ за младите луѓе. Младите се образоваат за занимања и се свесни дека нема да работат на струката за која се образовале – објаснува Димитров.
Според него, Владата презема мерки за усогласување на потребите и понудата на пазарот на трудот, но тие не можат брзо да дадат ефекти. Такви мерки се подигање на квалитетот на високото образование, воведување на дуалното средно образование, развој на систем за предвидување на идните потреби за вештини, кариерно насочување на основците и средношколците, образование на возрасни и слични мерки.
– Од друга страна, потребно е да се олесни водењето бизнис преку намалување на административните бариери, да се помагаат малите и микрофирмите во првите три години од отворањето, да се флексибираат работните односи и да се поддржува претприемаштвото за да се охрабрат граѓаните да отвораат сопствени бизниси. И на крајот доаѓа најтешкото прашање, како да се промени стопанската структура и наместо нискоакумулативни гранки со ниски плати, да заживеат претпријатија со висока технологија, високотехнолошко знаење и голема продуктивност, кои ќе исплаќаат повисоки плати и ќе ги задржат младите во земјата – истакнува Димитров.
За решавање на ова прашање, споменува тој, потребни се многу инвестиции и многу знаење, а за инвестициите е потребен капитал, кој граѓаните и фирмите го немаат, но, за среќа, банките имаат доволно капитал да поддржат добри проекти, додавајќи дека затоа прашањето за реформи во образованието е најважното за да почнеме да ја менуваме структурата на стопанството.
– Кога зборуваме за тоа кои сектори можат да ја променат состојбата со вработеноста и конкурентноста на нашата економија, тогаш не треба ние да ги утврдуваме. Тоа ќе го направи пазарот, кој е најдобар оценувач за тоа дали има добри квалификации или не. Во сите сектори имаме можности и во земјоделството и во ИТ-индустријата, но и во преработувачката индустрија, ако со помош на знаење и инвестиции добиеме поконкурентни производи и услуги со висок квалитет и со конкурентна цена – посочува Димитров.
Тој вели дека државата е свесна за овие промени и веќе презема некои мерки, но тромата администрација и лошите институции го забавуваат овој процес.

Поддршка на дообразовањето и усовршувањето на постојните вработени

Според Петар Лазовски, правен советник во стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ, ИКТ-компаниите во нашата држава се редок пример за правни субјекти што паралелно вложуваат во нови и иновативни решенија и во своите вработени и многу од овие вработени работат за странски клиенти, поради што трансферот на знаење е изворно обезбеден од страна на многу силно развиени технолошки компании.
– Даночните олеснувања се клучот за раст и развој на ИКТ-секторот. Потребно е државата преку сите нејзини политики да води сметка за потребите на ИКТ-индустријата и разните државни политики и правила, кои можат да се одразат на работењето и конкурентноста на фирмите, односно да ги приспособи на нивните потреби. Како наши главни и суштински барања би ги напоменале намалување на даночната стапка кај данокот на личен доход за вработени во ИКТ-секторот на 0 отсто, намалување на данокот на добивка на 0 отсто, пресметка на придонесите за вработените во ИКТ-индустријата за максимален износ на плата, кој е утврден како просечната исплатена нето-плата во индустријата – нагласува Лазовски.
Тој додава дека е потребна и поддршка на дообразовањето или усовршувањето на постојните вработени во секторот – државата треба да го стимулира инвестирањето во образованието на вработените во ИТ-секторот преку ослободување од оданочување или да го намали утврдениот данок за трошоци поврзани со школарини, учество на конференции, семинари, обуки на вработените.
– Сите овие мерки што се во функција на подобрувањето на бизнис-климата во ИКТ-индустријата на долг рок не само што нема да имаат негативен ефект на јавните финансии туку напротив, ќе ги зголеми даночните приливи. Можното намалување на приходите од директните даноци (данокот на личен доход и данокот од добивка) како резултат на мерките предложени за стимулирање на ИКТ-индустријата, ќе се компензираат со зголемената наплата на индиректните даноци (ДДВ и акцизи), а крајниот ефект за централниот буџет би бил ист – вели Лазовски.
Тој објаснува дека преку стратегиско вложување од страна на државата во ИКТ-индустријата, таа потенцијално би придонела во многу аспекти меѓу кои е и намалување на невработеноста преку преквалификација и доквалификација на кадри, а при стимулација на ИКТ-секторот се стимулира и развојот на сите други сектори што, секако, е неизбежен фактор за дигитализација и просперитет на секоја економија во развој.

– Поддршката е потребна од сите ентитети во рамките на државата, вклучувајќи ги и фондовите за развој, поради тоа што новооснованите македонски компании/стартапи имаат потреба од сестрана помош, со цел воспоставување на своите производи и услуги на нашиот или интернационалниот пазар – потенцира Лазовски.
Од Министерството за труд и социјална политика дополнуваат дека невработеноста во наредниот период се планира да се намали со националните политики за развој на деловното работење, и тоа преку ефективно поддржување на претпријатијата, со мерките од Фондот за иновации и технолошки развој, реформите на даночниот систем, формализирање на неформалната економија, зголемување на трошењето за активни политики на пазарот на трудот, реформата на системот за образование и обуки.
– За намалување на јазот помеѓу стекнатото ниво на образование со потребите на пазарот на трудот, институциите во изминатиот период интензивно комуницираат со работодавачите на локално ниво, со цел да се слушнат нивните потреби за видот на квалификациите и вештините што треба да ги поседуваат невработените лица и врз таа основа обезбедување наставни програми во средните стручни училишта на локално ниво. Со планот за Гаранција за млади, кој предвидува дополнителни курсеви на младите лица за доквалификација или преквалификација, младите луѓе се стекнуваат со квалификации во согласност со барањата на пазарот на трудот. Исто така, преку Агенцијата за вработување на годишно ниво има сет мерки што се однесуваат на обуки на невработени лица во реални работни услови, со цел нивна поголема вработливост и одговор на барањата на работодавачите. Такви мерки се: обука кај познат работодавач, обуки за побарувани занимања на пазарот на трудот, обуки за напредни ИТ-вештини, практикантство и слично – објаснуваат од МТСП.