Од земја која што беше ставена на последниот, изолиран и маргинален енергетски колосек, и која беше ставена во ситуација да биде зависна од само еден коридор, Северна Македонија денеска е земја интегрирана во енергетски проекти и вклучена во иницијативи за енергетско поврзување кои отвораат широки перспективи за брз економски развој, истакна премиерот, Зоран Заев на прес-конференција со помошникот државен секретар за енергетика и ресурси на САД, Франсис Фенон, која се одржа веднаш по билатералната средба, на која се разговараше за поддршката на САД на регионалната соработка во енергетиката.

На прес-конференцијата беше кажано дека со поддршка на САД, како наш стратешки партнер и сојузник во НАТО, Македонија во претстојниот период ќе забрза и ќе иницира неколку проекти од енергетиката од особено значење за земјата и за регионот, и дека како земја која си ја има поставено енергетската независност како цел, за Македонија поврзувањето на енергетските коридори преку Бугарија и Грција се од суштински и долгорочен интерес.

– За време на мојата посета на Атина пред две недели, добивме поддршка од конзорциумот Гастрејд, за вклучување на Северна Македонија во изградбата на терминалот за течен природен гас во близина на Александрополис во Грција. Со овој проект се создава можност за трајно и стабилно снабдување со природен гас за нашата земја, која, истовремено, ќе стане точка од која потоа гасот ќе се дистрибуира и пошироко во регионот, и во земјите кои ќе покажат интерес – соопшти премиерот Заев на прес-конференцијата.

„Со државниот секретар Фенон разговаравме и за значењето на поддршката за интерконекторот за гас со Грција“, рече Заев и додаде дека со тоа добиваме уште една можност на снабдување со природен гас од Азербејџан а, истовремено, и можност за поврзување на ЛНГ терминалите во Грција за стабилно и континуирано снабдување со гас, независност и конкурентни цени, што е во согласност со нашата долгогодишна енергетска стратегија.

На заедничката прес-конференција, премиерот Заев и помошникот државен секретар за енергетика и ресурси на САД Фенон информираа и за иницијативата за повторно ставање во функција на нафтовод Солун – Скопје, кој е изграден во 2000 година, и кој по престанокот со работа на рафинеријата Окта во 2013 година, не е во функција.

Грчката компанија „Хеленик Петролеум“ е заинтересирана повторно да го стави овој капацитет во функција и да го надгради како продуктивод на деривати. На тој начин ќе биде создаден ХАБ центар во Скопје и од овде, освен домашниот пазар, би се снабдувале со деривати како и пазарите на другите земји во регионот.

Премиерот Заев нагласи дека со ова поврзување на Македонија со Грција, со поддршка на Соединетите Американски Држави и на Европската Унија, ја прави нашата земја енергетски коридор за земјите од Југоисточна Европа за алтернативен пристап до значајни енергетски ресурси.

Помошникот државен секретар за енергетика и ресурси на САД Фенон на прес-конференцијата дека вклучувањето на Македонија во овие енергетски проекти ја прави земјата значаен регионален партнер, како земја која постигна многу на планот на енергетските политики, и дека со конектирањето со главните енергетски коридори преку Грција ќе се постигнат огромни придобивки за земјата и за сите земји од Западен Балкан и Југоисточна Европа.