Фискалната политика на Владата за 2019 година е во функција на обезбедување економски пораст, социјална сигурност и забрзано евроатлантско интегрирање

Следната година е економска година, во која парите на народот уште повеќе ќе одат во проекти за поддршка на граѓаните од сите категории, особено за најранливите, истакна вчера премиерот Зоран Заев на конференцијата во Владата, на која заедно со министерот за финансии Драган Тевдовски ги презентираа проекциите на буџетот за 2019 година.

– Промовиравме ново, праведно оданочување, реформа на пензискиот систем и зголемување на социјалната благосостојба. Со буџетските промени за 2019 година најавуваме пресвртница во економските политики. Силниот фокус на евроатлантските интеграции го зајакнуваме со буџет за растечка економија, за социјална еднаквост, за поквалитетни здравствени услуги и за подобро живеење на сите – спомена Заев.
Според него, фискалната политика на Владата за 2019 година е во функција на обезбедување економски пораст, социјална сигурност и забрзано евроатлантско интегрирање. Дизајниран е да ја одржи макроекономската стабилност и да овозможи фискална консолидација.

Премиерот уште еднаш најави дека ќе продолжи порастот на платите и на вработувањата во приватниот сектор.
– Просечната нето-плата ќе продолжи да расте и се очекува да изнесува 4,5 отсто на номинална основа, проекцијата за пораст на бројот на вработените е 2,1 отсто, што ќе придонесе просечната стапка на невработеност да се намали на околу 20 отсто – информира Заев.

Тој додаде дека не ги добиле сите министерства парите што ги сакале, бидејќи годинава затаиле во реализирање на проектите.
Министерот Тевдовски, пак, најави капитални проекти во патната, железничката и енергетската инфраструктура, како и вложувања во земјоделството. Тој очекува економскиот пораст да се придвижи поради зголемената лична потрошувачка.
Во однос на планираните инвестиции за следната година, Заев нагласи дека очекува да се реализираат, бидејќи најголемиот дел проекти што се потребни за нивна реализација веќе се подготвени, а за гасоводот однапред е извршена експропријација на земјиштето.

– Одблокирана е втората фаза од пругата и почната е постапката за третата фаза. Гасификацијата се гради на двата правца Кавадарци – Битола и Тетово – Гостивар, каде што се решени имотноправните односи. Дури за овој проект се решени експропријациите од Гостивар кон Кичево. Сите патишта се реализираат, освен Кичево – Охрид. Вкупно 450 милиони евра ќе чини Клиничкиот центар, 102 милиони евра се наменети за водоводи, каде што се готови проектите, исто така готови се проектите и за изградба на училишта во износ од 30 милиони евра и дополнително има пари за градинки и за депонии – вели Заев.

Буџетот за идната година е проектиран на 3,7 милијарди евра, а буџетскиот дефицит да изнесува 288 милиони евра. Инвестициите ќе изнесуваат 418 милиони евра. Е.Р.