Со новиот закон за енергетика, кој е на разгледување пред пратениците во Собранието на Република Македонија, ќе се обезбеди конкурентност во енергетскиот сектор, смета заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев. Со конкурентноста, според Анѓушев, ќе се овозможи и подобар квалитет.

– Ако треба законот да го објасниме со еден збор, тоа ќе биде дека овој закон обезбедува конкурентност, а кога постои конкурентност има и бенефиција за крајните корисници, бидејќи со зголемена конкуренција се подобрува квалитетот на услугите и се намалуваат цените. На пример, во телекомуникациите со воведувањето конкуренција се зголеми квалитетот на услугите, цените драстично паднаа, односно економските субјекти што ги нудат услугите во борбата за пазарот секојдневно го подобруваат квалитетот на услугите и се борат за дел од пазарот – кажа вицепремиерот.

Тој појасни дека со механизмот на изборот на универзален снабдувач, кој ќе биде избран во јавна постапка, се обезбедува заштита на граѓаните како крајни потрошувачи на енергентите.

– Мораме да се заштитиме од можноста цените неконтролирано да растат. Тоа во овој закон е направено квалитетно, во делот на електричната енергија, каде што е воведен универзалниот снабдувач, кој ќе биде избран на јавен повик, со дефинирани критериуми – појасни Анѓушев.

Вицепремиерот претходно посочуваше дека со промените македонското законодавство се усогласува со европските регулативи и директиви. Донесувањето на овој закон ќе овозможи стопирање на споровите што Енергетската заедница ги поведе кон Македонија, ќе се поттикнат реформите во енергетскиот сектор, а македонските граѓани добиваат право на избор на снабдувач со енергенти. Според него, компаниите веќе ги чувствуваат бенефициите од либерализација на енергетскиот пазар, а со новиот закон, можност за избор добиваат и граѓаните.

Со спроведување на законот се обезбедува и поддршка за обновливите извори на енергија. Република Македонија има недостиг од капацитети што произведуваат електрична енергија од обновливи извори, што беше наведено и во извештајот на ЕК. Со овој закон, преку воведување на премиум-тарифите, се дава можност за отворање нови локации за изградба на фотоволтаични централи, при што државата ќе објави тендери за премиуми, а инвеститорите ќе имаат можност произведената струја да ја продаваат на слободен пазар.

Вицепремиерот истакна дека го поддржува концептот на изградба на мали хидроцентрали и посочи дека Владата ќе продолжи да го имплементира овој концепт и во иднина, при што додаде дека малите хидроцентрали се географски лимитирани, колку што има планини и реки во државата.

Тој додаде дека Владата ќе го реализира проектот за изградба на нови ветерни електроцентрали додека се постигне моќност од 150 мегавати, што е во согласност со студијата за одржливост во рамките на енергетскиот систем на Македонија.