Заев испрати селфи до колегите од Западен Балкан
Премиерот Зоран Заев и генералната секретарка на Советот за регионална соработка во рамките на Берлинскиот процес, Мајлинда Брегу, денеска во Охрид, на маргините на настанот Преспа форум дијалог, испратија порака по повод укинувањето на роаминг-тарифите помеѓу шест земји на Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Србија и Црна Гора.
„Успеавме! Од денеска нашите граѓани можат да комуницираат за нула денари во роаминг“, напиша премиерот Заев во својата порака која заедно со селфи ја испратија со Брегу на пријателите во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора.
– Ја остваривме идејата која ја договоривме во 2019 година за да го олесниме поврзувањето меѓу нашите граѓани, меѓу бизнисмените, академската заедница и младите и да го забрзаме напредокот кон поврзување на регионот. Со ова сме чекор поблиску до приклучување кон концептот ‘Роаминг како дома’ со земјите од Европската Унија – нагласи Заев.
Генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу, во својата порака на оваа заедничка промоција за 0 роаминг истакна дека денеска е историски ден.
– Да, денеска е историски ден, ние сме во роаминг слободна зона за сите држави од Западен Балкан. РСС одигра важна улога во овој процес, но немаше да ја постигнеме целта без лидерите од регионот, нивната посветеност и соработка, заедно со партнерството од Европската комисија. Од овој ден ги избришавме границите, бариерите и тарифите на нашите мобилни телефони. Како што истакна и премиерот Заев, следен предизвик ни е да ги започнеме разговорите со Европската Унија и да ги намалиме цените во роаминг помеѓу Западен Балкан и ЕУ – заклучи Брегу.