Со кампањата „Засади желба, за поубава иднина“, во чии рамки се планирани едукативни и општествено одговорни активности, пензиските друштва сакаат преку пример да им прикажат на младите генерации дека секоја денешна постапка може да биде инвестиција во процесот на градење поубава иднина на долг рок, но и да ги мотивираат да станат активни учесници во грижата за животната средина

Пензиските друштва ќе ги едуцираат младите

Едукација на младите за придобивките од членување во пензиските фондови и нивно активирање во грижата за животната средина се меѓу приоритетните цели на кампањата „Засади желба, за поубава иднина“, која ја организираат „Сава пензиско друштво“ а.д. Скопје, „КБ Прво пензиско друштво“ а.д. Скопје и „Триглав пензиско друштво“ а.д. Скопје. Едукативни и информативни кампањи за придобивките од членувањето во задолжителниот и доброволниот пензиски фонд се организираат веќе шест години од страна на пензиските друштва, кои се насочени кон целото население.
Но оваа година пензиските друштва прават чекор повеќе со кампањата „Засади желба, за поубава иднина“, во чии рамки се планирани едукативни и општествено одговорни активности, со кои сакаат преку пример да им прикажат на младите генерации дека секоја денешна постапка може да биде инвестиција во процесот на градење поубава иднина на долг рок, но и да ги мотивираат да станат активни учесници во грижата за животната средина. За таа цел, еден од новитетите што ќе ги донесе годинешната кампања е создавањето пензиски паркови во четири средни училишта. Станува збор за СУГС „8 Септември“ – Скопје, СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ – Охрид, СОУ „Кочо Рацин“ – Свети Николе и СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“ – Скопје.
– Оваа година кампањата ја насочивме кон активирање промени за еколошки и социјални цели, за да ги поттикнеме, мотивираме и инспирираме младите генерации, за поставување нови стандарди за подобра и поквалитетна средина за живеење. Би сакале оваа наша активност да прерасне во традиција, која сите ќе ја негуваме – изјави Весна Стојановска, генерална директорка на „КБ Прво пензиско друштво“ а.д. Скопје.
Организаторите објаснуваат дека ова е само почеток и се стремат кон тоа ваквите активности да станат редовна практика, за да се опфатат што е можно повеќе училишта низ државата во кои ќе заживее грижата за иднината преку симболиката на зелените паркови. Се надеваат дека покрај младата популација, оваа кампања ќе допре и до широката јавност, за да се обезбедат што е можно повеќе индивидуални позитивни примери преку кои целото општество ќе се доближи до поубава иднина, кон која се стремиме сите.
– Симболиката на оваа кампања е во уделот што крајните корисници го имаат во планирањето на сопствениот живот и иднина. Велат, ако размислувате долгорочно, засадете дрво, а ако размислувате уште подалеку, тогаш едуцирајте ја младината. Токму затоа, ние како пензиски друштва со активна поддршка од МАПАС, се посветивме на наоѓање креативни начини за продлабочување на свеста на младите за обезбедување материјална сигурност – објасни м-р Маријан Николовски, член на управен одбор во „Триглав пензиско друштво“ а.д. Скопје.
Претставниците на пензиските фондови посочија и на значењето на пензиите и на свеста и навиките на граѓаните и компаниите за штедење.
– Реформата на пензискиот систем секогаш е актуелна тема, од моментот кога се појави на националната сцена во 2002 година, па до денес, кога пензиите се гледаат како клучен елемент на заштеда. Она што е потребно за во иднина е вториот и третиот пензиски столб да станат поразбирливи и поприемливи за граѓаните, за да се формираат свест и навика за долгорочно и посветено штедење кај поединците, но и кај деловните субјекти – изјави д-р Петар Талески, член на управен одбор во „Сава пензиско друштво“ а.д. Скопје.
Талески дополни дека во ситуација кога во земјата постои голема потреба за понатамошна изградба на инфраструктура, секако, треба да се размислува за долгорочна насока на можностите за инвестирање на пензиските фондови во таа инфраструктура, односно спроведувањето вакви потенцијални активности во иднина да може да биде корисно како од аспект на државата и нејзината инфраструктура, така и од аспект на економијата.
Сите информации и активности поврзани со кампањата „Засади желба, за поубава иднина!“ ќе бидат достапни на веб-страницата www.penzija.mk. Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС).


– Велат, ако размислувате долгорочно, засадете дрво, а ако размислувате уште подалеку, тогаш едуцирајте ја младината. Токму затоа се посветивме на наоѓање креативни начини за продлабочување на свеста на младите за обезбедување материјална сигурност

м-р Маријан Николовски, член на управен одбор во „Триглав пензиско друштво“ а.д. Скопје


– Оваа година кампањата ја насочивме кон активирање промени за еколошки и социјални цели, за да ги поттикнеме, мотивираме и инспирираме младите генерации, за поставување нови стандарди за подобра и поквалитетна средина за живеење

Весна Стојановска, генерална директорка на „КБ Прво пензиско друштво“ а.д. Скопје


– Она што е потребно за во иднина е вториот и третиот пензиски столб да станат поразбирливи и поприемливи за граѓаните, за да се формираат свест и навика за долгорочно и посветено штедење кај поединците, но и кај деловните субјекти

д-р Петар Талески, член на управен одбор во „Сава пензиско друштво“ а.д. Скопје