- Европскиот парламент и земјите членки на ЕУ заземаат спротивставени позиции за земјоделските субвенции, новите даноци и помошта за Украина опфатени во предлог-планот за новиот седумгодишен буџет на европскиот блок, за кој треба да се расправа денеска во Брисел. Несогласувањата за распределбата на средствата и отпорот во Европскиот парламент ја усложнуваат потрагата по компромис
Европскиот парламент се спротивставува на земјите членки на Европската Унија во голем судир околу следниот седумгодишен буџет на европскиот блок, додека меѓу националните влади постојат длабоки поделби во врска со предложените кратења на трошоците, даноците за дигиталниот сектор и земјоделските субвенции. Со засилувањето на преговорите лидерите на ЕУ остануваат во ќор-сокак во пресрет на денешната расправа за буџетот закажана во Брисел, додека не успеваат да пронајдат рамнотежа помеѓу традиционалната помош за земјоделството и новите стратешки приоритети на Унијата.
Поделеност меѓу националните влади
Најновиот предлог на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за буџетот вреден приближно 1,78 билион евра (со почеток во 2028 година), е за 44 милијарди евра помал од верзијата што минатиот месец ја претстави Република Ирска, во својство на земја што претседава со Советот на ЕУ.
Повторно актуелниот планот на Кошта за обезбедување средства за буџетот на ЕУ преку данок за технолошките мултинационални компании претставува иницијатива што е особено важна за Франција, а која беше тргната настрана во 2018 година поради страв од реципрочни мерки од страна на САД. Како дополнителна отстапка кон Франција, Кошта ги заштити земјоделските субвенции од кратења, предложи нови даноци со цел да се ограничи висината на националните придонеси кон Брисел и одложи плаќања во износ од 10 милијарди евра за долгот на ЕУ настанат по пандемијата на ковид-19.
Националните влади моментно се поделени: едни сакаат помал буџет насочен кон современи приоритети, како што се одбраната и конкурентноста, додека други бараат ЕУ да троши повеќе и да се фокусира на традиционалните области, како што се земјоделството и поддршката за посиромашните региони.
Можеби најспорната точка во финансиското планирање на ЕУ е обезбедувањето долгорочна поддршка за Киев, за која постои раздор. Европската комисија предложи дополнителен пакет од 45 милијарди евра за покривање на воените и цивилните потреби на Украина, но растечката фрустрација и отпорот од страна на неколку земји членки се закануваат да го доведат во прашање консензусот, што предизвика остри предупредувања од Берлин во врска со можно ставање вето на буџетот.
Видливи отстапки на Кошта кон Париз
И покрај кратењата што ги опфаќаат речиси сите буџетски ставки, со исклучок на субвенциите за земјоделците, предложениот буџет, во реални рамки, останува за околу 25 отсто поголем од оној во повеќегодишната финансиска рамка за периодот 2021–2027 година, иако значителен дел од ова зголемување се должи на отплатата на долговите настанати по пандемијата на ковид-19.
Во текот на преговорите францускиот претседател Макрон се залагаше за воведување повеќе даноци на ниво на целата ЕУ, познати како „сопствени средства“, со цел да се обезбедат дополнителни приходи и да се ограничи износот што Франција го уплаќа во буџетот на ЕУ (придонеси кон Брисел), кој е втор по големина, веднаш по оној на Германија.
Како отстапка кон Париз, Кошта во голема мера ги задржа проекциите за вкупните приходи во износ од околу 60 милијарди евра, кои беа предложени од Европската комисија минатата година. Тој исто така пронајде начин да одложи одредени плаќања – со што би се заштедиле милијарди евра во следниот буџетски циклус – преку продолжување за една година на рокот во кој земјите членки треба да ги потрошат средствата што им се доделени од регионалните фондови.
Според Кошта, ова ќе го ограничи порастот на националните придонеси од 0,8 на 0,82 отсто од бруто-националниот доход на земјите – што претставува клучен приоритет и за другите земји што се нето-уплатувачи во буџетот, познати како „штедливи“, меѓу кои се Германија и Холандија.
Решителност за постигнување договор до крајот на годината
Кошта и повеќето влади се решени да постигнат договор до крајот на годината, и покрај големите несогласувања. Буџетскиот план, според „Политико“, укажува на можен компромис, и покрај тоа што наиде на критики од сите страни, бидејќи претставници на одредени земји членки во неформални разговори изразиле оптимизам дека во декември ќе се постигне договор за буџетот. Германскиот канцелар Фридрих Мерц изминатиот викенд ја нагласи потребата преговорите да завршат „пред крајот на 2026 година“.
Дипломатски извори на „Политико“ изразиле оптимизам дека Кошта ќе успее да ги насочи 27-те земји членки на ЕУ кон постигнување конечен договор до крајот на годината, пред изборите во Франција, Италија и Полска, кои би можеле да ги попречат преговорите. Земјите членки мора прво да постигнат меѓусебен договор, пред да бараат согласност од Европскиот парламент.
Се смета дека либерален Брисел брза да постигне договор до крајот на годинава и поради претстојното заминување на Макрон од претседателската функција. Притиснатиот од проблеми француски лидер се повлекува во мај, со што на неговото место би можеле да дојдат евроскептичната десничарка Марин Ле Пен или левичарот Жан-Лик Меланшон. Според неколку дипломати, Кошта и Макрон имаат блиски работни односи и делат слични амбиции во однос на европската потрошувачка. Р.С.
Групата „Патриоти“ го оспорува буџетот
Групата „Патриоти за Европа“ планира да ги оспори преговарачките мандати на Европскиот парламент за неколку досиеја во следниот буџет на ЕУ, што би можело да ги одолговлече дискусиите за седумгодишниот план за буџетот во европската институција.
Оспорувањето би спречило досиејата за кои веќе е дискутирано на ниво на комитет да одат директно на разговори со националните влади. Наместо тоа, за мандатите ќе треба да се гласа на пленарна седница, што создава можност со амандмани да се изменат позициите што комисиите веќе ги утврдиле.
„Патриотите“ се насочени да се спротивстават на Европскиот фонд за конкурентност, Инструментот за поврзување на Европа и истражувачката програма ФП10 што ќе го наследи „Хоризонт Европа“. Извор на „Политико“ смета дека групата веројатно ќе ги оспори сите мандати, но дека сè уште не е јасно дали други групи или пратеници ќе го поддржат овој потег.
Правилата на парламентот им дозволуваат на политичка група или пратеници со најмалку 72 члена да побараат пленарно гласање за одлука за започнување преговори. „Патриотите“ имаат околу 86 члена. Р.С.
































