До Основното јавно обвинителство Крива Паланка е поднесена кривична пријава против татко и неговите две ќерки, поради сомнение дека физички нападнале жена од селото Дрење и ѝ нанеле тешка телесна повреда.
Според информациите од Обвинителството, инцидентот започнал по недоразбирање околу добитокот, по што дошло до расправија, а потоа и физички напад.
– Пријавени се дека поради недоразбирање околу добитокот најпрво започнале расправија, а потоа физички нападнале жена од селото Дрење, ја влечеле, туркале и ѝ се заканувале. Кога ја турнале на земјата, оштетената се здобила со тешка телесна повреда – скршеница на левиот скочен зглоб на ногата – се наведува во соопштението.
Кривичната пријава е поднесена за делото „Тешка телесна повреда“ од член 131 став 1 од Кривичниот законик.
Од Обвинителството информираат дека постапката се води во редовна процедура, но дека дејствијата се преземаат итно за да се донесе јавнообвинителска одлука во најкус можен рок. Наредено е вештачење за видот и карактерот на повредите, а во тек е и обезбедување други докази.
Надлежниот јавен обвинител ќе процени дали има основа за предлагање мерки за претпазливост, при што ќе ги земе предвид и претходното однесување на пријавените, како и евентуалните други постапки што се воделе или сè уште се водат против нив.


































