Фото: МИА

Улогата на општините во заштитата и унапредувањето на јавното здравје, со посебен акцент на превенцијата во училиштата, заштитата на животната средина, справувањето со употребата на тутунот и менталното здравје на младите, беше во фокусот на првиот Национален форум „Општини за здравје“.

Форумот е организиран во соработка со Министерството за локална самоуправа и со поддршка на Светската здравствена организација (СЗО). На него учествуваа градоначалници, претставници на институции и на здравствениот сектор, кои разменија искуства и разговараа за можностите за поголемо вклучување на локалната самоуправа во превентивните активности и грижата за здравјето на граѓаните.

Министерот за здравство Сашо Клековски истакна дека, иако општините формално немаат директни надлежности во здравствениот сектор, нивниот придонес во јавното здравје станува сè позначаен.

Тој посочи дека градоначалниците презентирале бројни активности што ги спроведуваат надвор од задолжителните програми, како дератизација и дезинсекција, но и преку работата на локалните совети за јавно здравје.

– Денеска ја отворивме дебатата за улогата на општините во јавното здравје. Драго ми е што градоначалниците споделија вистинско богатство од активности што се реализираат надвор од задолжителните програми, како дератизацијата и дезинсекцијата, а се поврзани и со работата на локалните совети за јавно здравје – рече Клековски.

Според него, соработката меѓу здравствениот сектор и локалната самоуправа е особено важна при справувањето со здравствени предизвици, како епидемијата во Гостивар и појавата на западнонилска треска.

Клековски информираше дека на форумот биле споделени искуства од општините во работата со училиштата и учениците, превенцијата од пушење, активностите насочени кон најмладите, како и поддршката за маргинализираните групи, меѓу кои лицата со попреченост и повозрасното население.

Најави и дополнителни активности со кои ќе се поттикнат општините да формираат совети за јавно здравје и да воспостават функционални канали за комуникација со здравствениот сектор и Агенцијата за храна и ветеринарство.

Тој ја нагласи и важноста од размена на добри практики меѓу општините, посочувајќи дека успешните локални решенија можат да се приспособат и применат и во други средини.

Претставникот на СЗО во земјава, д-р Аким Али, истакна дека унапредувањето на здравјето започнува во локалните заедници, поради што градоначалниците треба активно да учествуваат во креирањето и спроведувањето на здравствените политики и превентивните активности.

Тој посочи дека на форумот биле разменети искуства за активности во училиштата, заштита од заразни болести, санитарна исправност на водата, изградба на велосипедски паркинзи и соработка со локалните бизниси. Разговорите ги опфатиле и превенцијата од употреба на тутун и предизвиците поврзани со менталното здравје на младите.

Али ја поздрави подготвеноста на градоначалниците за заедничка работа со Министерството за здравство и Министерството за локална самоуправа, нагласувајќи дека семејствата и децата заслужуваат здрави и безбедни услови за живот.

Како една од клучните најави од форумот го посочи формирањето совети за јавно здравје во општините, согласно законските обврски, со цел подобра координација на локалните активности.

Тој изрази очекување дека на следниот форум, планиран за идната година, ќе бидат презентирани конкретни резултати од заедничката работа на општините и надлежните институции.