Личните податоци на околу 1,2 милиони белгиски граѓани биле украдени во сајбер-напад, кој медиумите го оценуваат како најголемиот безбедносен пробив од ваков вид регистриран досега во земјата.
Според локалните медиуми, повикувајќи се на компании за кибер-безбедност, нападот ги погодил жителите на 82 фламански општини. Хакерите користеле вештачка интелигенција, а проверките покажале дека нападот бил извршен од странство и траел од 6 до 15 ноември.
Како одговорна за нападот се посочува хакерската група Ghost Hunters („Ловци на духови“). Напаѓачите не ги пробиле директно општинските сервери, туку пристапиле до незаштитени мрежи на надворешен давател на услуги што ги користеле општините.
Меѓу украдените информации се имиња, адреси, датуми на раѓање, матични броеви, броеви на лични карти, банкарски сметки и лозинки. Според објавените информации, дел од податоците веќе се шират на интернет.
Нападот опфатил вкупно 50 организации во Белгија, Франција и Швајцарија. Меѓу нив имало банки, осигурителни друштва, технолошки компании, фирми за платежни услуги, платформи за игри на среќа и компании за размена на криптовалути. Медиумите наведуваат дека половина од целите на хакерите биле во Белгија.
































