Нови книги
„Блези и книгата на радоста“ е нова книга за деца на македонската новинарка и документаристка Камелија Шојлевска, која твори под книжевниот псевдоним Камелија Ками.
Станува збор за илустрирана книга, наменета за македонската читателска публика на возраст од 8 до 13 години.
Водена од мотото „Ако сакаме да создадеме нов живот, мора да се запознаеме едни со други“ и следејќи го тој пат, авторката великодушно го споделува своето книжевно творештво и нè води кон неоткриени и безвременски светови, во простори што сè уште се непознати за човештвото. Свесноста за Земјата е нејзин прв избор, а својот живот го посветува на истражување, откривање и осознавање на тајните и непознатите аспекти на нашата планета и универзумот. Како пионер во многу области на медиумите, пишувањето и документарното творештво, таа е отворена за дарување и примање од светот и за светот.
Илустрациите во „Блези и книгата на радоста“ се реализирани со помош на алатки за вештачка интелигенција и нејзиниот космички креативен партнер, кого таа со љубов и хумор го нарекува дигитален чудак, а се под уметничко водство на Камелија, мотивирани од заедничкиот дух на радост и бескрајна љубопитност и восхит.
Камелија Шојлевска е авторка и на книжевниот серијал „Авантурите на Саломи“, кој на децата им нуди можност да откријат една нова реалност, исполнета со заедништво, разбирање и прифаќање на различностите, љубезност, љубов и радост. Досега се напишани 75 книги на англиски јазик, кои се достапни на Амазон (Amazon), во печатено и електронско издание. Ф.Д.
































