Еди Рама

Противречните изјави на албанскиот премиер Еди Рама како повод

  • Изјавата на албанскиот премиер за бугарското малцинство во Македонија на Софија ѝ дава дополнителна енергија да продолжи со условувањата кон Скопје и да не размислува да го повлече ветото

Пред помалку од една недела, на 18 ноември, премиерот на Албанија, Еди Рама, во интервју за Бугарската национална телевизија (БНТ) истакна дека повеќе немаат проблеми со Бугарија и дека потребата бугарското малцинство да биде внесено во Уставот на (Северна) Македонија е јасна. Дали со оваа изјава на официјален висок претставник на Тирана за државен јавен сервис на Софија, Рама всушност стана гласникот на Брисел, но во исто време и џелатот на македонските национални интереси? Изјавата, која неколку дена подоцна е потврдена, но со извесна мала ограда, доаѓа во мошне чувствителен период од европскиот интегративен пат на Македонија, но и за нејзината дипломатска стратегија кон Софија и кон Брисел, која треба да ѝ донесе гаранции и извесни концесии. Во такви околности секој ситен детаљ е важен, а гестот на Рама воопшто не е ситен детаљ, туку е длабоко газење во внатрешните прашања на својот сосед Македонија.
Според агенциите, одговарајќи на прашањето на новинарот Бојко Василев во врска со неговите поранешни критики кон Софија, Рама појаснил дека тие забелешки се однесувале на периодот пред договорот со француско посредништво, додавајќи дека сега нема простор за спорови бидејќи вклучувањето на Бугарите произлегува од тој договор. Притоа ќе потсетиме дека во 2017 година во Законот за заштита на малцинствата беа додадени и Бугарите. Албанија за првпат го наведува и бугарското малцинство, кое беше производ на отворената политика на Софија за „сеење бугарски пасоши“ меѓу автохтоните Македонци во Албанија. Јасно е дека тоа не беше случајно, туку е резултат и на притисоци од Софија кон Тирана дека би можела да наиде и на бугарска (покрај грчка) пречка на патот кон Брисел. Во покерот ваква игра на двајца против третиот играч се вика „во макази“ – играта не е фер, тука двајцата имаат скришен договор насочен против третиот противник.
Рама завчера на граничниот премин Ќафасан, на заедничката промоција на системот „Уан стоп шоп“, заедно со македонскиот премиер Христијан Мицкоски, изјави дека неговите зборови биле извадени од контекст. Тој нагласи дека Албанија никогаш нема да го попречува европскиот пат на Македонија и дека нема право да ѝ кажува на независна држава што да прави. Тој додаде дека Македонија „со право се сомнева“ дали и по уставните измени ќе следува ново вето, но оцени дека условот мора да се исполни за процесот да продолжи.
По него даде изјава и Мицкоски, кој рече дека уставните измени се исклучиво внатрешно прашање на државата и дека за вистински напредок во евроинтеграциите е потребна доверба, а не нови еднострани условувања.
Да заклучиме – изјавата на Рама дадена за БНТ, и покрај обидот таа да се минимизира, има голема тежина затоа што е дадена за национален сервис, и тоа им е добро познато и на аматери во дипломатијата. Таа изјава ги напаѓа и македонските дипломатски маневри, а на Софија ѝ дава дополнителна енергија да продолжи со условувањата кон Скопје и да не размислува да го повлече ветото.
Оваа балканска игра е мошне опасна во време кога се игра голема геополитичка игра и во регионот, а како посебен пример ќе ги посочиме антитерористичките активности на македонскиот разузнавачки сектор, кој откри опасни дејства, а секако тука е и бурата со која се зафатени Бугарија и Романија на Црно Море.

Тоа е едната од линиите на анализата, а не помалку важно е да го насочиме диоптерот кон дипломатската игра во Стразбур. Познато е дека честопати институциите во Стразбур се користат како продолжена алатка на дипломатските центри на моќ во Брисел, па така, според наши извори запознаени со случувањата во Стразбур, на Македонија индиректно ѝ се подготвува непријатно изненадување. Всушност, Брисел преку Стразбур се подготвува на Софија да ѝ го исчисти непријатниот терен со правата на Македонците во Бугарија на мошне елегантен начин, слично како што тоа го направи пред десетина години со затворање еден куп случаи со регистрацијата на македонски организации и здруженија. Но, и покрај таа политичка чистка на пресудите донесени од Европскиот суд за човекови права (класичен случај на Стразбур против Стразбур), останаа вкупно 14 пресуди, а конечно по сите сита и решета последно Македонците од Бугарија имаат чисти шест пресуди.

Но, како што ни кажува изворот, добро упатен во овие прашања, во декември Комитетот на министрите, политичко тело на институциите во Стразбур, ќе ги затвори сите овие случаи и на Бугарија ќе ѝ се остави да ги решава во иднина случаите во согласност со нејзиниот устав и законите. Иако и Судот и Комитетот на министрите, како и известувачот за Бугарија, констатирале дека пресудите не се применуваат целосно, или пак воопшто, сепак, политиката е помоќна од правдата што се дели во Стразбур, па така Софија поддржана со моќта на Брисел, во соработка со Стразбур, ќе го има последниот збор како и што со правата на Македонците во Бугарија.
Доколку ова сценарио се оствари во целост, за што нашиот извор вели дека е сѐ договорено и е обезбедена поддршка, во тој случај македонската дипломатија ќе дојде до еден висок ѕид во однос на нејзината стратегија да бара реципроцитет – ние Бугарите во Устав, вие Македонците во Устав.
Дали кога Рама го кажа тоа што го кажа мислеше токму на ова сценарио?