breakfastbreakfast
Фото: Пиксабеј

Времето во кое ги консумираме првиот и последниот оброк во денот може да има значајна поврзаност со долговечноста, покажува голема студија спроведена врз повеќе од 31.000 возрасни лица во САД. Истражувањето укажува дека луѓето кои го одложуваат првиот оброк имаат поголем ризик од смртност, особено од кардиоваскуларни заболувања, пишува „Сајанс алерт“.

Студијата, објавена во „European Journal of Clinical Nutrition“, анализирала податоци од 31.044 лица постари од 40 години, собрани во периодот од 1999 до 2018 година. Истражувачите го следеле времето на консумирање на храната и пијалаците, а податоците ги споредиле со евиденцијата за смртност до крајот на 2019 година.

За време на просечното следење од 8,6 години починале 7.129 учесници, од кои 2.259 од кардиоваскуларни заболувања. При анализата биле земени предвид и други фактори, како возраста, пушењето, физичката активност, квалитетот на исхраната, телесната тежина, приходите и постојните здравствени проблеми.

breakfast
Фото: Пиксабеј

Подоцнежниот појадок поврзан со поголем ризик

Резултатите покажале дека времето на првиот оброк е поврзано со ризикот од смртност. Во споредба со луѓето кои појадувале меѓу 7 и 8 часот наутро, оние кои го консумирале првиот оброк меѓу 8 и 10 часот имале 10 проценти поголем ризик од смрт од која било причина.

Кај оние кои првпат јаделе меѓу 10 часот и пладне, ризикот бил повисок за 19 проценти, додека кај лицата кои го одложувале првиот оброк по пладне бил поголем за 29 проценти.

Слична поврзаност била забележана и кај смртноста од кардиоваскуларни заболувања. Луѓето кои првиот оброк го консумирале по пладне имале 46 проценти поголем ризик од смрт од овие заболувања во споредба со оние кои појадувале меѓу 7 и 8 часот.

Истражувачите процениле и дека кај лицата на возраст од 50 години, подоцнежниот почеток на јадењето е поврзан со просечно 2,46 години пократок животен век.

И вечерата има улога, но резултатите се поинакви

Кога станува збор за последниот оброк во денот, истражувањето открило поинаков образец. Наместо ризикот да расте со секој час подоцна, забележана е поврзаност во форма на буквата У.

Најнизок проценет ризик од смртност бил забележан кај луѓето кои последниот оброк го имале меѓу 19 и 20 часот.

Оние кои престанувале да јадат пред 19 часот имале 13 проценти поголем ризик од смрт од која било причина. Кај лицата кои последниот оброк го консумирале по полноќ, ризикот бил повисок за 27 проценти, а проценетиот животен век на 50-годишна возраст бил пократок за 2,35 години.

Сепак, истражувачите предупредуваат дека ова не значи оти вечерата меѓу 19 и 20 часот е идеално решение за секого. Како што објаснува водечкиот автор на студијата, Џилеи Шан од Универзитетот за наука и технологија Хуажонг, завршувањето со јадење меѓу 20 часот и полноќ не било поврзано со статистички значајно зголемување на ризикот во споредба со периодот меѓу 19 и 20 часот.

breakfast
Фото: Пиксабеј

Времето на оброците влијае врз биолошкиот часовник

Едно од можните објаснувања за забележаните резултати е влијанието на времето на оброците врз циркадијалниот ритам, односно внатрешниот биолошки часовник на организмот.

Според Шан, многу доцното јадење може да ги наруши биолошките ритми и метаболичките процеси, вклучително и регулирањето на мастите и гликозата во организмот.

Од друга страна, раното завршување со јадење не мора да биде показател за поздрави навики. Учесниците кои престанувале да јадат порано во текот на денот во просек биле повозрасни, имале поретки оброци и повеќе постојни здравствени проблеми. Тоа укажува дека времето на јадење понекогаш може да биде и показател за здравствената состојба, а не директна причина за неа.

Истражувањето не утврдило ниту јасна поврзаност меѓу вкупното времетраење на периодот во кој се консумира храна и смртноста. Наместо тоа, позначајна се покажала поврзаноста со времето кога се започнува со јадење.

Иако резултатите не докажуваат дека промената на времето на оброците директно го продолжува животот, тие отвораат нова перспектива во истражувањето на здравите навики. Покрај квалитетот и количината на храната, важно прашање е и кога му ја даваме на организмот.