Геополитичката тежина на Европа сè помалку се чувствува

  • Додека Трамп, Путин и Си разговараат за новите правила на светската безбедност, европските лидери се обидуваат да докажат дека сè уште имаат што да кажат за иднината на сопствениот континент. Многу институции, многу претставници, но сè помалку единствен политички глас

На неодамнешниот трилатерален состанок во кинески Шенжен се покажа дека во изградбата на новата светска архитектура главниот збор го имаат лидерите на големите сили САД, Кина и Русија, Доналд Трамп, Владимир Путин и Си Џинпинг, кои седнаа на иста маса за да разговараат за глобалната безбедност, нуклеарното разоружување и за идните односи меѓу најмоќните држави во светот. Европа, иако непосредно засегната од голем дел од прашањата, остана надвор од таа дипломатска слика.
– Не дека тројцата лидери успеаја да ги решат најголемите светски конфликти, сепак, самата симболика на средбата е доволно силна. Имено, додека големите разговараат за правилата според кои ќе функционира светот, Европа сè почесто се наоѓа во позиција да чека да види што ќе биде договорено, па потоа да ја соопшти својата реакција или да го исполни она што ќе ѝ биде наложено – вели наш соговорник од Германија, адвокат и политички аналитичар, додавајќи дека не станува збор само за едно отсуство од еден состанок туку за поширок процес во кој европскиот политички глас сè потешко се пробива до местата каде што се носат најважните глобални одлуки.

Многу лидери, малку европско лидерство

Речиси паралелно со средбата во Шенжен, во Берлин се одржа состанокот на Коалицијата на подготвените, на кој европските држави, заедно со Украина и со учество на американски претставници, се обидоа да ја потврдат својата улога во разговорите за иднината на Украина и европската безбедност.
– Ја проследив оваа средба детално, се разбира она што беше објавено во германските и во другите европски медиуми. Се разговараше и за воена помош, и за безбедносни гаранции, како и за начини и можности за постигнување траен мир – додава нашиот соговорник од Германија, при што го потврди својот став дека „и по оваа средба му останала една непријатна дилема за тоа дали Коалицијата на подготвените воопшто е доказ дека Европа сè уште има капацитет да преземе иницијатива или, пак, е признание дека нејзините заеднички институции не успеваат да обезбедат доволно силен политички одговор“.
– Многу е интересна сегашната конфигурација на ЕУ. Таа внатрешно се бори со себе, концептуално, а да не зборувам од идеолошки аспект. Процесите на централизација и децентрализација паралелно течат, но без јасна претстава на Брисел!? Замислете, ЕУ денес има многу адреси на кои може да се побара нејзиниот став!? И се добива различен одговор на исти прашања. Имено, Урсула фон дер Лајен ја предводи Европската комисија и се обидува да ја централизира ЕУ, Каја Калас ја претставува Унијата во надворешната политика и се судира концептуално со Фон дер Лајен, Антонио Кошта е претседател на Европскиот совет и се обидува да балансира, а германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон се меѓу најважните национални политички фигури што го ставаат тежиштето на своите ставови. А кој од нив навистина може да каже дека ја претставува единствената европска позиција и во кого самите ние Европејците ќе препознаеме некаков лидер што ќе биде од таков формат за да може да му веруваме и кој ќе биде визионер за новата Европа, која апсолутно мора да доживее промени – истакнува нашиот соговорник, адвокат од Германија.
– Прашање е дали Европа денес или утре ќе има лидер што ќе може да седне на маса со Трамп, Путин и со Си и да зборува во име на целиот континент. Одговорот во моментов е дека Европа нема вистински лидер бидејќи нејзината политичка структура е таква што секој настап мора претходно да помине низ лавиринт од национални интереси, институционални надлежности и меѓусебни компромиси – објаснува нашиот соговорник.

Стратешка автономија или зависност од одлуки однадвор?

Според нашиот соговорник, стратешката автономија за ЕУ сè уште е во игра, но тоа е концепт на либералните елити на Брисел, потхранувани најмногу од Елисејската палата. Меѓутоа, токму таму во наредната година се очекуваат промени. Во Германија исто така по ова прашање за година-две се очекуваат длабоки промени, така што ова прашање веќе е „на тапет“.
– Со години европските политичари зборуваат за стратешка автономија, за посилна европска одбрана и за потребата Унијата да престане да биде само економски гигант и политички зависник од Вашингтон. Но кога доаѓа моментот тие амбиции да се претворат во конкретна политика, повторно се појавуваат старите разлики – брифира соговорникот, адвокат и политички аналитичар од Германија.
– Едни држави сакаат поблиска соработка со САД, други инсистираат на поголема независност, трети имаат сопствени приоритети во односите со Русија и Кина. А кога на тоа ќе се додадат различните ставови за Украина, миграцијата, одбраната и економските интереси, станува јасно зошто е толку тешко Европа да настапи како единствен геополитички актер – вели тој, додавајќи дека во меѓувреме, Вашингтон, Москва и Пекинг имаат јасно препознатливи центри на политичка моќ. Можеби нивните интереси се спротивставени, можеби меѓусебната недоверба сѐ уште е голема, но кога треба да се испрати порака, таа има конкретна адреса. Европа, пак, понекогаш остава впечаток дека прво треба да се договори кој ќе зборува, па дури потоа што ќе каже. Па дури и за второво тешко се постигнува единство – анализира тој.

Криза на лидерството или криза на самиот европски модел?

На прашањето кон нашиот соговорник за тоа дали оние што имаа лидерски амбиции во Европа сега се соочуваат со сериозни домашни политички предизвици и дали тоа е една од причините за криза на лидерството во Европа или криза на самиот европски модел, тој дава отворен одговор, без многу дипломатија.
– Германскиот канцелар Фридрих Мерц мора да се справува со внатрешните проблеми на германската политичка сцена и слабата доверба што ја ужива меѓу Германците, додека Макрон влегува во последната фаза од својот претседателски мандат. Во такви околности, вистинското прашање е колку простор им останува за преземање долгорочни европски иницијативи.
Но проблемот не е само во актуелните лидери. Можеби Европа има многу подлабок проблем со начинот на кој ја организира сопствената политичка моќ. Зашто не е доволно да се има институции, претседатели, комесари и високи претставници ако зад нив не стои заедничка волја за дејствување. И тука повторно ќе се вратам на Шенжен. Како тројцата лидери можеа да разговараат за глобалната безбедност и за реформата на Обединетите нации и да испратат порака дека нивните држави сакаат да имаат клучна улога во идниот светски поредок, а Европа, која со децении се претставуваше како еден од главните столбови на меѓународниот систем, не беше дел од таа слика?! Тоа е тотална деградација за улогата и стравотен пад на политичката специфична тежина на Брисел, во глобални рамки – вели нашиот соговорник.

Европа, сепак, не треба да се потцени

Се разбира, подвлекува нашиот соговорник, дека не треба да се потценува европската економска, финансиска и дипломатска моќ. Тој вели дека ЕУ сè уште има простор да се преструктурира.
– Унијата останува еден од најголемите светски пазари, значаен донатор, важен трговски партнер и неизбежен фактор во решавањето на многу меѓународни прашања. Но постои разлика меѓу тоа да се биде економски важен и да се биде политички неопходен.
Ако европските држави треба да ја финансираат обновата на Украина, да ја поддржуваат нејзината одбрана и да обезбедуваат долгорочни безбедносни гаранции, тогаш сосема легитимно се поставува прашањето зошто не се и меѓу главните актери во разговорите за завршување на војната – во дилема е нашиот соговорник.
Слична му е дилемата и кога во контекстот го внесува и Западен Балкан.
– Унијата очекува од земјите кандидати усогласување со нејзината надворешна политика, геополитичка определба и почитување на европските приоритети. Но колку убедливо може да бара такво усогласување ако самата не успева секогаш да настапи со единствена позиција пред големите светски сили – анализира нашиот соговорник, додавајќи дека „…можеби најголемиот европски проблем не е тоа што Трамп, Путин и Си се сретнале без неа. Големите сили отсекогаш имале свои интереси и свои формати за договарање. Проблемот е што Европа сè потешко успева да создаде ситуација во која нејзиното присуство ќе биде неопходно“.
– Ако сака повторно да биде на главната маса, Европа ќе мора да расчисти дали навистина сака да се наметне како светска сила или ќе продолжи да биде само простор на кој другите ќе ги усогласуваат своите интереси. Зашто во новата светска архитектура, очигледно, не е доволно само да имаш место на географската карта. Треба да се има и политичка тежина за да те повикаат на масата каде што се црта иднината. Токму затоа, на Европа денес ѝ е потребен вистински лидер, политичка личност со доволен габарит, авторитет и меѓународен кредибилитет за никој да не може да ја замисли светската преговарачка маса без нејзиното присуство – вели соговорникот.
Европа како да остана без препознатлива политичка фигура што би била способна да ги обедини различните интереси и да зборува со глас што ќе се слуша и во Вашингтон, и во Москва, и во Пекинг.
На крајот, на Унијата не ѝ е потребен само уште еден претседател или уште еден висок функционер, туку лидер со визија, политичка храброст и способност да ја врати довербата меѓу европските држави, да ги потсети на заедничките вредности и да ја врати Европа на темелите врз кои беше изградена. Зашто, ако Европа сака повторно да биде дел од големите светски одлуки, најнапред мора да најде некој што ќе знае да ја обедини околу една заедничка европска цел, која и идеолошки и концепциски ќе се разликува од актуелната ЕУ.