Фото: ЕПА

Европа на прагот на големи младински протести?

Европа е на прагот да влезе во денови на големи координирани социјални и политички тензии. Од Германија до Франција, од Италија до Велика Британија, младински, студентски, синдикални и антивоени организации, според повеќе неофицијални најави, се подготвуваат за „симултана меѓународна мобилизација“, која треба да ги зафати улиците, универзитетите и работните места во повеќе од 25 земји и стотици градови.
Викендов, според информации од неколку извори, почна да се гради оваа иницијатива. Наводно, „повеќе од 50 организации најавуваат учество во кампања што подоцна ќе се спроведува во текот на наредните викенди. Во најавите се споменуваат „студентски бојкоти, работнички штрајкови, демонстрации, блокади и симболични окупации“. Зад мобилизацијата стојат „повеќе меѓународни организации на младински антивоени движења“.
Нивната порака е јасна, дека „Европа мора да престане да ја подготвува младата генерација за војна!“

„Нашата иднина, а не нивните војни“

Според информациите добиени од младински активисти од Берлин, слоганот под кој се обединуваат учесниците е „Борете се за нашата иднина, а не за нивните војни“. Манифестот на кампањата содржи барања што директно ги засегаат актуелните европски политички приоритети (особено на т.н. Коалиција на подготвените), односно запирање на повторното вооружување, укинување на задолжителната воена служба, распуштање на НАТО и суштински политички и економски промени.
Според изворите, ова не е само младински протест против воените буџети туку „станува збор за обид да се претвори незадоволството од европската безбедносна политика во пошироко општествено движење, со силен социјален и политички предзнак“.

Германија, Франција, Италија – во центарот на мобилизацијата

Според бриферите од Берлин, координацијата на меѓународната кампања започнала во јуни во Келн, а продолжила во октомври со состанок во Париз, на кој учествувале 27 организации од 11 земји. До 11 ноември, организаторите веќе регистрираат активности во повеќе од 25 држави. Наводно, меѓу вклучените организации се француските „Унион етудијант“ и „Солидер етудијан“, италијанските „Унионе дељи студенти“ и „Џовани комунисти“, германските „Линксјугенд“ и „Социјалистичка младина на германските работници“, британските „Соушалист стјудентс“ и младинскиот огранок на коалицијата „Стоп д вор“, како и белгиските „Комак“ и „Ред фокс“.
Во Германија, каде што прашањата за повторното вооружување, воената обврска и иднината на европската безбедност стануваат сè поважни политички теми, ваквите иницијативи добиваат дополнителна тежина.

Британија најавува протести во 50 града

Особено обемна мобилизација се најавува во Велика Британија. Демонстрации се планирани во најмалку 50 града, меѓу кои Лондон, Манчестер, Лидс и Ливерпул. Во Италија, пак, се најавуваат истовремени работнички штрајкови и младински демонстрации. Паралелно со младинската иницијатива, Меѓународното биро за мир и движењето „Стоп риарм Јуроп“ координираат кампања од 20 до 22 ноември под мотото „Благосостојба, а не војување“. Со тоа протестите добиваат поширока димензија: од универзитетските амфитеатри и средношколските клупи, незадоволството се пренесува и на улиците, во синдикалните структури и во јавната политичка дебата.

Франција – најчувствителна точка

Особено внимание привлекува Франција, која во овој период се соочува со сериозни социјални тензии и последици од претходните насилни немири. Протестите на 24 октомври резултираа со повеќе од 1.300 апсења, повредени полициски службеници и случаи на грабежи. На 17 ноември, според најавените податоци, на новиот национален протест излегоа повеќе од 100.000 луѓе.
Во меѓувреме, и движењето на „Жолтите елеци“ најавува активности. Во Париз се споменува марш од Бастилја до плоштадот „Конкорд“, а се планираат собири и на кружните текови и на наплатните станици низ земјата.
Француското искуство покажува колку брзо социјалното незадоволство може да прерасне во поширока политичка криза. Токму затоа најавените активности се следат со зголемено внимание, особено поради можноста за прекини во сообраќајот и изолирани инциденти.

Политичкиот предизвик до Брисел

Дополнителна чувствителност на ситуацијата ѝ дава и информациската војна. Мрежи за дезинформации поврзани со Русија ги искористија октомвриските немири во Франција за ширење сопствени наративи. Сепак, според достапните информации на бриферите, не е утврдено дека насилството било организирано од странство или дека постои финансиска поврзаност меѓу надворешни актери и организаторите на протестите. Истовремено, нема потврда дека организациите вклучени во најавените законски демонстрации биле одговорни за претходните напади.
Она што претстои, според најавите, е еден од позначајните обиди за координирано европско младинско и антивоено дејствување во следниот период. Ако се оствари онака како што го најавуваат изворите, односно младински активисти од Берлин, неговата политичка тежина нема да се мери само според бројот на учесници туку и според тоа дали ќе успее да го отвори прашањето за приоритетите на некои либерално ориентирани европски влади. Имено, младите бараат наместо повеќе средства за вооружување, тие да пари да се пренаменат за повеќе инвестиции во образованието, социјалната сигурност, иднината на младите…
За европските граѓани, деновите на мобилизација може да донесат и практични последици – прекини во јавниот превоз, откажани наставни активности, блокирани сообраќајници и зголемено полициско присуство.
Европа, барем според најавите на организаторите, нека се подготвува за сѐ помасовни протести со јасна политичка порака. Дали ова ќе биде почеток на пошироко антивоено движење или само краткотраен бран на незадоволство, ќе покаже одзивот на улиците. Едно е сигурно. Прашањето за војната, вооружувањето и цената што за нив ја плаќаат идните генерации повторно излегува во прв план на европската политичка сцена.

Од нашиот дописник од  Германија, Доне Прентоски