Фото: „Нова Македонија“

Триесет и две години од грчкото ембарго врз Македонија

  • Кога Грција во 1994 година еднострано ја затвори границата и го блокираше пристапот на Македонија до Солунското пристаниште, тоа не
    беше класичен трговски спор. Стануваше збор за организиран политички притисок врз држава што три години претходно ја стекна својата
    независност. Формалното образложение беше дека причина е спорот за името и државните симболи. Суштината, пак, беше поинаква. Грција сакаше да покаже дека Македонија нема да може нормално да функционира без согласност од Атина и дека секој обид за меѓународна
    афирмација ќе биде пресретнат со нови условувања. Блокадата на 19.500 тони американска пченка во ноември 1994 година беше само една од многубројните последици на таа политика
  • Преспанскиот договор е поврзан со ембаргото од 1994 година. Тогаш за првпат беше демонстрирано дека спорот за името нема да остане историска или дипломатска дебата, туку ќе стане средство преку кое Грција ќе влијае врз стратешките одлуки на Македонија. Ембаргото создаде преседан. Покажа дека меѓународните организации не се подготвени сериозно да го санкционираат притисокот врз Македонија

На 21 ноември 1994 година во Солунското пристаниште беа блокирани 19.500 тони американска пченка наменета за Македонија, со што Грција како членка на Европската Унија употреби економска блокада како средство за политички притисок врз својот сосед. Денес, три децении подоцна, сè појасно се гледа дека ембаргото не беше инцидент, туку дел од долгорочна стратегија, чија крајна цел беше Македонија да се доведе во позиција на постојани отстапки. Кога Грција во февруари 1994 година еднострано ја затвори границата и го блокираше пристапот на Македонија до Солунското пристаниште, тоа не беше класичен трговски спор. Стануваше збор за организиран политички притисок врз држава што три години претходно ја стекна својата независност. Формалното образложение беше дека причина е спорот за името и државните симболи. Суштината, пак, беше поинаква. Грција сакаше да покаже дека Македонија нема да може нормално да функционира без согласност од Атина и дека секој обид за меѓународна афирмација ќе биде пресретнат со нови условувања. Блокадата на 19.500 тони американска пченка во ноември 1994 година беше само една од многубројните последици на таа политика. Илјадници тони стоки остануваа заглавени, транспортните трошоци драматично растеа, а македонските компании беа принудени да бараат многу поскапи алтернативни правци преку Бугарија и црноморските пристаништа. Но покрај економската штета, беше испратена политичка порака за вршење притисок врз Македонија сè додека не попушти.

Ембаргото го отвори патот кон Преспа

Често се спомнува дека ембаргото траело 19 месеци. Помалку се зборува дека намерата и мотивите за ембаргото траеја со децении. По укинувањето на блокадата и потпишувањето на Привремената спогодба во 1995 година, завршија камионските колони на границата, но не заврши политиката на притисок. Напротив. Се создаде модел што подоцна постојано ќе се повторува: прво блокада, потоа условување, потоа преговори и на крајот нови македонски отстапки. Во 1995 година на ред беше државното знаме. Во 2008 година следуваше блокирањето на членството во НАТО. Во наредните години продолжија опструкциите на евроинтегративниот процес. На крајот дојде и Преспанскиот договор. Од таа перспектива, ембаргото не беше неуспешна епизода од грчката надворешна политика. Напротив, од гледна точка на Атина, тоа беше успешен модел што покажа дека со доволно долг притисок Македонија може да биде доведена до позиции што претходно изгледале незамисливи.
Преспанскиот договор е поврзан со ембаргото од 1994 година. Тогаш за првпат беше демонстрирано дека спорот за името нема да остане историска или дипломатска дебата, туку ќе стане средство преку кое Грција ќе влијае врз стратешките одлуки на Македонија. Ембаргото создаде преседан. Покажа дека меѓународните организации не се подготвени сериозно да го санкционираат притисокот врз Македонија. Покажа дека принципите на слободна трговија и добрососедство лесно можат да отстапат пред интересите на посилна држава. Покажа и дека секоја македонска ранливост може да биде искористена како преговарачка алатка. Токму затоа Преспа не започнува во 2018 година. Нејзините корени треба да се бараат многу порано, во периодот кога Македонија економски се задушуваше за да се постигнат политички цели.
– Грчкото ембарго од 1994 година не беше обична економска мерка, туку класичен пример на политичка принуда спроведена преку економски средства. Кога една држава го затвора единствениот витален трговски коридор на својот сосед со цел да изнуди отстапки поврзани со неговото име, симболи и идентитет, тогаш станува збор за непријателски акт, иако без употреба на оружје. Ембаргото не ја смени само економијата на Македонија туку создаде преседан дека политичките цели можат да се постигнуваат преку блокади и условувања. Токму затоа многумина денес го гледаат како почеток на процесот што подоцна доведе до Привремената спогодба, до ветото за НАТО и, конечно, до Преспанскиот договор – вели експерт по меѓународно право, кој поради професионални причини инсистираше на анонимност.

Дали ембаргото било непријателски чин според меѓународното право?

Во строгата правна смисла, грчкото ембарго од 1994 година не било прогласено од ниту еден меѓународен суд за „акт на агресија“ или „употреба на сила“ во смисла на Повелбата на Обединетите нации. Затоа би било правно непрецизно да се тврди дека станувало збор за воен или агресивен акт. Но, истовремено, постојат сериозни аргументи дека станувало збор за еднострана економска принуда насочена кон постигнување политички отстапки од суверена држава. Најсилен индикатор за тоа е фактот што Парламентарното собрание на Советот на Европа во Резолуцијата 1027 од 28 февруари 1994 година „силно ги осудува мерките преземени од грчката влада“ и предупредува дека тие можат да имаат дестабилизирачки последици во регионот. Дополнително, Европската комисија поведе постапка против Грција пред тогашниот Европски суд на правдата, сметајќи дека ембаргото е проблематично од аспект на европското право и правилата на заедничкиот пазар.
Повелбата на ОН го поставува принципот на суверена еднаквост на државите и обврска споровите да се решаваат со мирни средства. Иако државите имаат право на политички и економски мерки, голем број правни теоретичари прават разлика меѓу легитимен дипломатски притисок и економска принуда чија цел е да се смени политичкото однесување на друга држава. Во случајот со Македонија, самата грчка влада отворено наведуваше дека ембаргото е поврзано со спорот за името, знамето и уставните одредби, односно не беше последица на трговски спор туку средство за постигнување политички цели. Овој факт е документиран и во архивските извештаи од времето на воведувањето на блокадата.
Особено е интересен правниот факт што самата Европска Унија не застана зад ембаргото. Во 1994 година, Европската комисија одлучи да го упати случајот до Европскиот суд на правдата, оценувајќи дека грчките мерки отвораат прашања за усогласеноста со правото на Европската заедница. Ова е важен аргумент затоа што покажува дека ембаргото не било доживувано како вообичаена економска мерка дури ниту во институциите на кои им припаѓала самата Грција.
– Најиздржана правна формулација би била: грчкото ембарго од 1994 година не беше акт на воена агресија во смисла на Повелбата на ОН, но претставуваше еднострана економска блокада и форма на политичка принуда врз Република Македонија. Фактот дека беше осудено од Парламентарното собрание на Советот на Европа и оспорено од Европската комисија пред Европскиот суд на правдата, му дава карактер на непријателски акт во политичка и дипломатска смисла, иако не и во смисла на оружена агресија – вели универзитетски професор по меѓународно право, кој сака да остане анонимен поради политичката чувствителност на оваа проблематика.


Организирана форма на државен притисок со јасна политичка цел!

Експертите и аналитичарите јасно посочуваат дека од политичка и дипломатска перспектива, ембаргото може аргументирано да се окарактеризира како непријателски чин, иако во правна смисла терминот има поспецифично значење. Во меѓународните односи, непријателски чин не мора нужно да значи оружен напад. Тој може да подразбира и мерка преземена со намера да ѝ се предизвика економска, политичка или дипломатска штета на друга држава. Во случајот со Македонија, Грција во февруари 1994 година ја затвори главната трговска маршрута преку Солун и воведе еднострана економска блокада, што директно влијаеше врз македонската економија. Оваа мерка беше оценета како проблематична и од европските институции. Парламентарното собрание на Советот на Европа во Резолуцијата 1027 од 1994 година „силно ги осудува мерките преземени од грчката влада“ и предупредува дека тие можат да имаат дестабилизирачко влијание врз регионот. Дополнително, Европската комисија поведе постапка против Грција пред Европскиот суд на правдата поради ембаргото, што покажува дека и во рамките на тогашната Европска заедница постоеле сериозни сомнежи околу оправданоста и усогласеноста на блокадата со европските правила.
– Ембаргото од 1994 година претставуваше непријателски чин без употреба на оружје. Наместо тенкови и војници, беа употребени граници, пристаништа и трговски коридори. Наместо воен притисок, беше применет економски притисок врз држава што во тој момент се бореше за меѓународно признавање и економски опстанок. Затоа, во колективната меморија на Македонија, ембаргото останува запаметено не како обична трговска мерка, туку како организирана форма на државен притисок со јасна политичка цел – вели дипломат со долгогодишно искуство во македонско-грчките односи, кој побара да остане анонимен.