Фото: Пиксабеј/IИлустрација

Пожар избувнал во просторија на одделението за ортопедија на вториот кат во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје. Пожарот е локализиран и нема опасност да се прошири, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Од ЦУК информираат дека пријавата за пожарот била примена преку бројот за итни повици 112, по што веднаш била известена Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.

– Станува збор за пожар во внатрешна просторија во одделението за ортопедија, кој е локализиран и нема опасност од негово понатамошно ширење – наведуваат од ЦУК, повикувајќи се на потврда од противпожарната бригада.

Во соопштението не се наведени причината за пожарот, ниту дали има повредени.