Минатогодишниот национален победник на „Поетски слем Македонија“, Виктор Спасески од Прилеп, ќе ја претставува земјава на претстојниот Европски шампионат во слем-поезија, кој ќе се одржува од 19 до 21 ноември во Грац, Австрија. Тој ќе се натпреварува со победници од триесет европски држави за титулата Европски шампион во слем-поезија и за квалификации за учество на Светскиот шампионат.
– Се квалификуваа 30 шампиони. Од Шведска до Грција и од Португалија до Украина, сите се тука за да ја прослават јазичната разновидност на нашиот континент. Германските преводи на сите текстови ќе се проектираат во живо. Правилата за Европското првенство се: оригинални текстови, слободен избор на тема, временско ограничување од четири минути, без костими или реквизити. На сцената е дозволено да бидат само поетите, нивните листови хартија и нивните гласови – подинамично од ова не може да биде! А публиката е таа што одлучува: секој што сака може да му се придружи на жирито и да помогне да се одреди кој ќе ја однесе титулата дома – велат од организацијата на Европскиот поетски слем.
Заедно со австриската шампионка, Лиа Хартл, вкупно 30 земји ќе се натпреваруваат во две полуфиналиња. Во првото полуфинале се: Австрија, Белгија, Кипар, Данска, Естонија, Финска, Ирска, Латвија, Луксембург, Македонија, Норвешка, Полска, Шкотска, Словачка и Словенија. Во второто полуфинале се: Хрватска, Чешка, Англија, Германија, Грција, Унгарија, Италија, Холандија, Португалија, Романија, Србија, Шпанија, Шведска, Швајцарија, Украина. Од 2014 година до денес Македонија на европските слем-шампионати ја претставуваа: Афродита Николова од Штип, Елена Пренџова од Скопје, Игор Трпчески од Прилеп, Марија Грубор од Велес, Никола Дукоски од Прилеп, Горазд Кени Китановски од Скопје, Миланчо Пендев од Кавадарци и Матеј Петров од Скопје, кој беше еден од дванаесетте претставници што не се натпреваруваа во Берлин, поради ограничениот број учесници и извлекувањето со ждрепка. Годинашната победничка Валерија Дамчевска од Битола следната година ќе се натпреварува на Европскиот шампионат во слем-поезија во Естонија.
































