Во октомври годинава во лабораторијата за уметничка технологија, конзервација и реставрација на уметнички дела „Кеар лаб“, при Факултетот за ликовни уметности во Скопје, заврши конзерваторско-реставраторскиот третман на монументалната слика „Тешкото“ од Никола Мартиноски (1952–1953). Делото е масло на платно, со димензии 350,8×99,6 сантиметри (со рамка 365,5×115 сантиметри), а во сопственост на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Третманот беше изведен во рамките на проектот „Конзервација на сликата „Тешкото“ – зачувување на културното наследство“, финансиран од средствата за информативни, културни, спортски, студентски сервиси и други активности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за 2026 година. Работата се засноваше врз принципите на зелената и одржлива конзервација, со водени системи за чистење, минимална интервенција и почитување на материјалниот интегритет на делото. Реализацијата на проектот претставува придонес кон интегрирањето на современите конзерваторски методологии во високото образование и кон поврзувањето на научните сознанија со практичната заштита на културното наследство. Ментори и раководители на конзерваторско-реставраторскиот третман се Марија Сотировска-Богдановска и Маријета Сидовски.