Фото: МВР

Полицијата во изминатото деноноќие лишила од слобода осум возачи на повеќе локации низ земјата поради сомнение за безобѕирно управување со возило. Според полицискиот билтен, седуммина возеле под дејство на алкохол, а еден управувал со возило и покрај важечката забрана за возење.

Меѓу возачите затекнати под дејство на алкохол биле двајца 18-годишници и 24-годишник од Скопје, 26-годишник од скопско Батинци, 40-годишник од Пршовце, општина Теарце, и двајца возачи од Штип, на возраст од 40 и 44 години. Според полицијата, 44-годишниот штипјанец предизвикал и сообраќајна незгода во која имало телесни повреди.

Со важечка забрана за управување возел 39-годишник од Гошинце, Липковско. Од полицијата најавија дека по целосното документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.