„Од национални приказни до испреплетени истории“ е насловот на дводневната меѓународна конференција што ја организира Институтот за историја при Филозофскиот факултет на УКИМ по повод 80 години од неговото основање.
Програмата опфаќа неколку пленарни и тематски сесии посветени на историските процеси, националните наративи, културните и дипломатските односи, како и на современите пристапи во историските истражувања.
Учесниците ќе се претстават со реферати за историјата на Македонија од средновековниот период до современата државност, за односите на Балканот, османлискиот период, светските војни и меѓународните историски влијанија.
Отворајќи ја конференцијата, раководителот на Институтот, проф. Далибор Јовановски, рече дека имаат причина да бидат горди на постигнатото во изминатите 80 години. Тој се осврна и на успесите на претходните генерации и на предизвиците со кои се соочуваат денешните историчари.
Пред 80 години, според Јовановски, најголем предизвик бил да се создаде институцијата и да почне пишувањето на македонската историја од македонска гледна точка. Дотогаш, рече тој, македонската историја ја пишувале други, според своите гледишта и потреби. Денес, пак, историчарите се соочуваат со силното влијание на технологијата и со предизвиците што ги носи вештачката интелигенција.
– Се соочуваме и со еден голем предизвик, а тоа е проблематизирањето на македонската историја и македонската историографија од страна на некои соседи. Тоа не е нов процес, туку трае со децении. Наше е како ќе одговориме на тие предизвици. На тие негирања ќе одговориме со научна храброст и со смиреност, бидејќи секој има право на сопствена вистина – порача Јовановски.
Тој посочи дека дел од некогашните најголеми критичари на македонската историографија, пред сè западни историчари, политиколози, антрополози и фолклористи, денес ѝ даваат поддршка. Според него, настаните поврзани со евроинтеграцијата на земјата ги навеле да ги преиспитаат своите ставови. За тоа, додаде тој, придонеле и личните контакти, објавувањето трудови во странски списанија и учеството на меѓународни конференции.
– Тоа се должи и на нивната перцепција дека токму нивните критики на нашата историографија денес политички ги користат други центри. Тоа е наша предност и ни отвора голем простор за соработка. Треба да ја искористиме со активно учество на конференции и со објавување трудови надвор од Македонија за да ја задржиме нивната поддршка, која во овој момент многу ни значи – истакна Јовановски.
Јубилејот на Институтот за историја при УКИМ го честиташе министерката за образование и наука Весна Јаневска. Таа истакна дека сите што работеле во Институтот со својот научен труд придонеле за проучување, документирање и афирмирање на историското наследство, како и за негово пренесување на новите генерации.
– Денес, во време на брз проток на информации, различни толкувања на историските настани и сè почести обиди за релативизирање на историските факти, улогата на историчарите е од особено значење. Одговорноста на научната заедница е преку аргументирани истражувања, научна објективност и критички пристап да ги утврдува и афирмира историските вистини. Само така можеме да изградиме општество што ја познава сопствената историја, ги почитува фактите и знае да учи од минатото – истакна Јаневска.
Таа посочи дека МОН останува посветено на унапредувањето на високото образование и научноистражувачката дејност, на создавањето подобри услови за работа на академската заедница и на поттикнувањето на младите истражувачи.
– Институтот за историја секогаш ќе ја има нашата поддршка. Верувам дека во наредните децении ќе продолжи да биде значаен центар на знаење, научна мисла и образование, да образува квалитетен кадар и со нови истражувања и достигнувања да ја збогатува македонската историографија и да ја афирмира во меѓународни рамки – додаде министерката.
Учесниците на конференцијата ги поздрави и деканот на Филозофскиот факултет на УКИМ, Оливер Бакрески. Тој го нарече Институтот за историја чувар на историската меморија, со „клучна улога во зачувувањето на историското наследство и колективното сеќавање во Македонија“.
– Историјата е сложена целина од процеси, искуства, културни достигнувања, општествени промени и човечки судбини. Нејзиното научно проучување бара широчина на погледот, методолошка прецизност и строгост при проверката на аргументите и разграничувањето на научно потврдените сознанија од претпоставките и слободните толкувања. Потребна е и свест дека историското наследство добива вистинска вредност кога е истражено, критички разбрано и одговорно пренесено на идните генерации преку факти – рече Бакрески.
Почетоците на Институтот за историја, тогаш катедра, датираат од 3 декември 1946 година, кога била основана Групата за историја со историја на уметноста. Првите предавања на Филозофскиот факултет почнале на 16 декември истата година. Во следните години Институтот образувал кадар што придонел за развојот на македонската наука. Меѓу нив се Љубен Лапе, Димче Коцо, Методија Спасовски и Томо Томоски. Од Институтот произлегле и неколку академици на МАНУ, како и еден ректор на УКИМ – професорот Христо Андонов Полјански.
Јовановски соопшти дека годинава почнал процес на подмладување на кадарот во Институтот и дека во последните години е зголемен интересот на младите за студирање историја, пренесува МИА.
































