Претставата „Кокошка“, во режија на Теодора Силјаноска, вечерва од 20 часот ќе биде изведена во Театар Комедија, во рамките на 51. издание на Млад отворен театар – МОТ.
Претставата е заснована врз текстот на рускиот драматург Николај Кољада и ги отвора прашањата за копнежот по слобода, љубовта и остварувањето на соништата во свет што станува сè постуден, порамнодушен и сè помалку подготвен за промени.
Низ апсурд, импровизација и баналност, ликовите се обидуваат да го совладаат сопствениот внатрешен хаос и да се справат со изместените вредности на општеството што ги опкружува. На сцената се судираат стравот и желбата за промена, рамнодушноста и немирот, затвореноста и потребата за слобода.
„Кокошка“ досега освои три меѓународни признанија, меѓу кои наградата за најдобра претстава на Интернационалниот театарски фестивал во Приштина и специјалната награда „Метална комета“ на фестивалот „Кољада плејс“ (Kolyada Plays) во Русија.
Билјана Драгичевиќ-Пројковска за улогата во претставата ја доби наградата за најдобра актерка.
Во претставата играат Билјана Драгичевиќ-Пројковска, Ане Блажовски, Ванеса Тримчевска, Томе Станковски и Кристина Гиева. Костимографијата е на Марија Папучевска, соработник за сценски движења е Дарко Велиќ, а сценографијата и изборот на музиката се на Теодора Силјаноска.
Претставата е во продукција на Театар Комедија и независната театарска продукција „Вортекс“.
































