Грчката Национална разузнавачка служба, преку соработка со странски партнери, помогнала во спречувањето незаконска активност на грчка територија, но главниот дел од истрагата за разоткривањето на наводната иранска мрежа го воделе безбедносните служби на Македонија. Ова го изјави портпаролката на грчката полиција, Константина Димоглиду, во интервју за државната телевизија ЕРТ.
Таа нагласи дека во случајот не била директно вклучена грчката полиција, туку само Националната разузнавачка служба, која соработувала со службите на други држави.
– И покрај тоа што не беше вклучена некоја служба на грчката полиција, Националната разузнавачка служба, преку соработката со други земји, успеа да спречи незаконска активност на наша територија. Главниот товар на истрагата го имаа безбедносните служби на Северна Македонија – изјави Димоглиду.
Таа посочи дека македонските власти веќе објавиле официјални информации за активностите на криминалната организација, при што било наведено дека нејзината можна цел се наоѓала во Грција, но без да се открива идентитетот на потенцијалната жртва.
Сè уште не е познато кој бил цел на нападот
Осврнувајќи се на прашањето кој бил планираната цел на атентатот или евентуалниот терористички напад, Димоглиду рече дека грчката полиција нема конкретни информации за идентитетот на лицето.
Според неа, со тие сознанија располага Националната разузнавачка служба, а повеќе детали би требало да бидат утврдени во продолжението на истрагата и по апсењата во други држави.
– Ние во грчката полиција не знаеме конкретно кој бил целта. Секако, тоа е нешто што го знае Националната разузнавачка служба и таа веќе ги презела потребните мерки. Сега, во текот на истрагата, откако во другите земји се пронајдени докази и се извршени апсења, ќе се разјасни дали станува збор за планирано убиство на конкретно лице во нашата земја или за нешто друго, како што е терористички напад – изјави Димоглиду.
Уапсениот Македонец бил откриен на границата со Турција
Портпаролката на грчката полиција даде детали и за македонскиот државјанин кој бил уапсен во Грција, а потоа депортиран во Македонија.
Според нејзиното објаснување, лицето било откриено на граничен премин на североисточната граница кон Турција, при обид да ја напушти Грција. Полициските службеници утврдиле дека за него постоела мерка со која му се забранувал престој во Грција, но и во други држави.
– Лицето беше депортирано од нашата земја. Беше уапсено откако полициските службеници од една гранична полициска станица на северната граница утврдија дека неговото присуство на грчка територија не е оправдано. Потоа, во првите денови на ноември, беше депортирано – објасни Димоглиду.
Грчките медиуми шпекулираат за можната цел
Разоткривањето на наводната иранска мрежа, за која постојат сомневања дека подготвувала напад во Грција, е една од главните теми во грчките медиуми. Новинарите објавуваат различни информации и сценарија, повикувајќи се на свои извори.
Во медиумските извештаи се појавуваат неколку можни верзии за идентитетот на потенцијалната цел. Според едно сценарио, станува збор за грчки бизнисмен со еврејско потекло, според друго за израелски државјанин поврзан со голема компанија во Грција, а трето сценарио упатува на лице поврзано со израелски интереси.
Сепак, ниту едно од овие тврдења досега нема официјална потврда.
Грчките медиуми пишуваат и дека наводното убиство било планирано да изгледа како пресметка од криминалниот свет, со цел да се прикрие евентуалната поврзаност со ирански структури.
Во меѓувреме, за уапсениот во Грција се објавува дека станува збор за 30-годишен македонски државјанин, кој бил прогласен за непожелен од безбедносни причини.
Весникот „Катимерини“, повикувајќи се на свои извори, објави дека на крајот на октомври тој со автомобил со македонски регистарски таблички се обидел да ја напушти Грција и да влезе во Турција преку копнениот граничен премин во областа Еврос. Таму бил уапсен, а неколку дена подоцна депортиран во Македонија.


































