Велес – трговската метропола на 19 век

Македонија во старите книги, патописи, карти, мапи, документи и весници (30)

Старите патописи за нашата Македонија, иако не секогаш биле пишувани објективно, располагаат со извонредни информации што ги пренеле странците што поминувале овде. Во обемните дела на д-р Александар Матковски (1922 – 1992), најзначајниот истражувач на патописите, можеме да сретнеме податоци за многу денешни градови во Македонија.
Англискиот истражувач и патописец Хенри Фаншо Тозер (Henry Fanshawe Tozer) ги реализирал своите први три истражувачки патувања низ Балканот во 1853/1854, 1861 и 1865 година. Научните и теренски белешки од овие експедиции ги објавил во Лондон во 1869 година, во двотомното дело со наслов „Истражувања во планинските области на Турција“ (Researches in the Highlands of Turkey, Vol. I–II, London 1869). Неговата маршрута започнала со пристигнување по морски пат во Солун, по што, откако го забележал својот осврт за градот, продолжил кон внатрешноста преку Пела (Ениџе Вардар), Воден и Острово, сè до Битола, оставајќи детални записи како за самото патување така и за урбаниот живот во Битола. Од таму, преку Преспанскиот Регион, ги посетил Охрид и Струга, а преку Елбасан продолжил кон Призрен, од каде што преминувајќи ја Шар Планина се спуштил во Тетово, а потоа пристигнал во Скопје, на кое му посветил мошне исцрпен опис. Своето патешествие го продолжил по текот на Вардарската Долина низ Велес, античкиот локалитет Стоби и Демир Капија, за повторно да се врати во Солун, од каде што отпатувал назад за Англија. За македонската историографија и географија, овој патопис претставува извор од исклучително значење поради неговата обемност и изобилството од прецизни податоци, особено за централните делови на Македонија. Оригиналниот примерок од ова дело е пронајден и проучуван од д-р Александар Матковски во Националната библиотека во Париз.
Во летото 1865 година, напуштајќи го Скопје, Тозер тргнaл на југ по текот на Вардар, следејќи го природниот коридор што со милениуми ги поврзувал внатрешноста на полуостровот и Егејско Море. Во неговите белешки, пејзажот на Скопската Котлина пулсира со суровата реалност на османлиската провинција: непрегледни житни полиња, стада добиток што спас од летната жега и инсектите бараат во сивата речна мил, но и индустриски траги од една империја во постојана воена готовност. Покрај самиот пат забележал голема работилница и стовариште за шалитра, клучната суровина за барут, која од овие краишта директно се транспортирала кон царските барутани во Цариград. Како што долината се стеснува кон Таорската Клисура така репортажата на Тозер добива археолошка димензија. На самиот влез во теснината, кај селата Таор и Бадер, британскиот патник ги препознава античките Тауресиум и Бадеријана, пределите што хроничарот Прокопиј ги запишал како родно место на императорот Јустинијан Први. Повикувајќи се на теренските сознанија на Австриецот Јохан Георг фон Хан од 1858 година, Тозер укажува на карпестото плато над реката, каде што некогаш се издигал квадратниот утврден замок (тетрапиргион), додека локалните селани при орањето сè уште наидувале на ѕидани водоводни канали од античкото минато. По пладневниот одмор во Каплан-ан (денешно Катланово), веднаш по устието на Пчиња, патот се искачува низ папратовите превои на клисурата за ненадејно да се отвори пред градот, кој во тоа време доживувал вистинска економска ренесанса, трговската метропола на прагот на модерното време – Велес.

Средбата со Велес (тогашен Ќуприли) претставува најголемото изненадување во патешествието на Тозер. Очекувајќи скромна, заборавена провинциска паланка, тој наидува на динамичен град од околу 25.000 жители, распослан на стрмните ридови од двете страни на Вардар и поврзан со долг дрвен мост на камени столбови.
„Изгледот на Ќуприли пријатно нè изненади… Пред нас се отвори град со импозантна архитектура, со голем број солидно градени куќи, како и со одличен ан, кој поради сината и жолтата фасада беше познат како ‚Шарениот ан‘.“
Она што Тозер го регистрирал со новинарска проникливост е тивката економска и демографска трансформација на централна Македонија. Во град со доминантно христијанско население, каде што на хоризонтот се бројат едвај шест или седум минариња, се чувствува здивот на граѓанскиот просперитет. Високо на западниот карпест рид доминирала новата монументална црква „Св. Пантелејмон“, дело на градителската школа на Андреја Дамјанов, како визуелен симбол на економската моќ на велешките еснафи.
Во тоа време Велес бил директно вмрежен во европските трговски текови: локалното население масовно одгледувало свилени буби, а италијанските трговци лично пристигнувале за да ја откупат скапоцената сурова свила, во период кога епидемиите ја пустошат свиларската индустрија во Западна Европа. Тозер точно ја насетува стратешката и античката тежина на овој простор, поврзувајќи го градот со древноста и особено антиката. Можеби најдраматичниот момент во ова поглавје од патописот започнува утрото на 1 август, кога Тозер го напушта раздвижениот пазар покрај велешкиот мост и решава да го продолжи патот на југ по долниот тек на Вардар. Во 1865 година, осум години пред изградбата на вардарската железница, оваа траса била вистинска непознаница за европската наука. Официјалните поштенски каравани и телеграфските линии го заобиколувале овој коридор, правејќи голем западен лак преку Прилеп, Битола и Воден кон Солун.

Соочен со фактот дека дури и најпрецизните географски карти на прочуениот германски картограф Хајнрих Киперт се целосно неточни за овој дел од Македонија, Тозер продолжува да се движи како вистински теренски истражувач. Одминувајќи ги урнатините на средновековните цркви и некогашната велешка тврдина на јужниот излез од градот, тој стигнува до устието на реката Бабуна, за потоа да навлезе во сувите, брановидни камени платоа кон Стоби и Демир Капија.
Денес, повеќе од век и половина подоцна, записите на Хенри Фаншо Тозер имаат вредност далеку поголема од обичен антикварен куриозитет, бидејќи претставуваат сведоштво за моментот кога македонските градови по текот на Вардар, потпрени на сопствената трговија и занаетчиство, веќе умееле да се адаптираат на промените, долго пред железните шини да ја пресечат клисурата…

М-р Никола Ристевски

(продолжува)