Фото: Тони Гламчевски

Вработени во јавниот сектор во Франција денеска одржаа еднодневен штрајк и протести со барање за повисоки плати, додека во земјата се расправа за буџетот за 2027 година. На протестните маршеви им се приклучија средношколци, студенти, пензионери и дел од вработените во приватниот сектор, објавија Ројтерс и Франс прес.

Француското Министерство за внатрешни работи соопшти дека низ земјата протестирале околу 146.000 луѓе, од кои 28.000 во Париз. Синдикалната конфедерација ЦГТ и синдикалната коалиција од парискиот регион објавија значително повисоки процени – над 500.000 учесници во Франција, од кои 175.000 во главниот град. Според официјалните бројки, одѕивот беше помал од оној на 5 ноември, кога низ земјата протестираа 575.000 луѓе.

Во Париз демонстрантите маршираа од плоштадот Насион до плоштадот Италија. Протести имаше и во Лион, Марсеј, Нант и Тулуз. Ројтерс јави дека маршевите главно поминале мирно. Во Тулуз, полицијата отстранила блокади пред повеќе средни училишта, јави Франс прес.

Синдикатите бараат зголемување на основните плати

Синдикатите ја повикаа јавната администрација, локалните служби и јавните болници на штрајк откако разговорите со премиерот Себастијан Лекорни на 13 ноември не донесоа договор за платите. Едно од главните барања е да се зголеми вредноста на бодот според кој се пресметуваат основните плати во јавниот сектор. Синдикатите проценуваат дека куповната моќ на вработените во јавните служби се намалила за околу 16 отсто од 2017 година. Според Франс прес, предлог-буџетот за 2027 година четврта година по ред не предвидува општо зголемување на платите во јавниот сектор.

Ова беше трет заеднички штрајк на синдикатите од јавниот сектор откако во септември почнаа ученичките протести. Движењето почна во средно училиште во Кретеј, југоисточно од Париз, а потоа се прошири во други градови. Учениците и студентите бараат обновување на училишните згради, повеќе наставници и реформи во високото образование. Во следните недели протестите прераснаа во пошироки демонстрации поради растот на трошоците за живот.

Судот ја суспендираше забраната за непријавени собири кај дел од училиштата во Париз

Парискиот управен суд во вторникот ја суспендираше полициската наредба со која беа забранети непријавени собири и маршеви во радиус од 100 метри околу десет средни училишта и пет универзитетски локации во главниот град. Полицијата ја образложи мерката со претходните блокади и инциденти. Судот, постапувајќи по барање на студентскиот синдикат УНЕФ, оцени дека петдневното ограничување е непропорционално и дека полицијата не го образложила доволно обемот на ризикот, пренесе „Ле Монд“.