Фото: Официјален фејсбук профил/Стефан Андоновски

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски одржал мастер-клас за студентите на Универзитетот „Пантеон-Асас Париз 2“ во Франција. Тој зборувал за дигитализацијата на јавните услуги, современото управување и улогата на младите во креирањето јавни политики.

Како што информираат од Министерството за дигитална трансформација, на мастер-класот со наслов Servir au XXIᵉ siècle („Да служиш во 21 век“) Андоновски го споделил своето искуство од студентските денови до работата во јавната служба. Тој посочил дека дигиталната трансформација треба да им го олесни секојдневието на граѓаните.

Како пример ја навел ситуацијата во која студент мора да носи потврда од една институција во друга, иако државата веќе располага со потребните податоци.

Според Андоновски, дигитализацијата не подразбира само воведување електронски услуги, туку и преиспитување и поедноставување на административните постапки. Тој посочил дека, доколку институциите можат безбедно да разменуваат и да проверуваат податоци, граѓаните ќе имаат помалку административни обврски, а постапките ќе се завршуваат побргу.

Пред студентите ја претставил и бесплатната мобилна апликација „М.услуги“, која овозможува пристап до дигиталните верзии на личната карта и возачката дозвола, како и до услуги наменети за граѓаните.

Тој посочил дека пред официјалното пуштање во употреба апликацијата ја тестирале неколку илјади граѓани, а повеќе од 200 нивни забелешки и предлози биле вградени во конечната верзија.

Во дискусијата биле претставени и меѓународни примери за дигитална трансформација, меѓу кои украинската апликација „Дија“, која послужила како инспирација за „М.услуги“, електронското потпишување преку мобилен телефон во Летонија и регионалниот роаминг во Западен Балкан, пренесува МИА.