Фото: Пиксабеј

Онлајн трговецот „Тему“ би можел да се соочи со висока парична казна затоа што не ја спречил продажбата на нелегални производи на својата платформа, соопшти денеска Европската комисија.

Според Комисијата, проверките за усогласеност на производите со прописите, постапките за модерирање на содржините и системот за санкционирање на трговците не се ефикасни.

– Купувањето преку интернет не треба да значи ризик од купување нелегални и небезбедни производи – изјави потпретседателката на Европската комисија Хена Виркунен.

„Тему“, компанија во кинеска сопственост, има право да се брани и може да преземе мерки за отстранување на утврдените недостатоци. Доколку Комисијата на крајот утврди прекршување на Законот за дигитални услуги (ДСА), компанијата би можела да се соочи со казна до 6 отсто од својот глобален годишен промет.

Комисијата во мај го казни „Тему“ со 200 милиони евра (220 милиони долари), откако на платформата беа пронајдени небезбедни играчки за бебиња и мали електронски уреди. Компанијата тогаш вети дека ќе го реши проблемот.

Во новиот извештај на Комисијата се наведува дека, иако „Тему“ има воспоставено безбедносен протокол, платформата бара извештаи од тестирања само за мал дел од производите и честопати не ги проверува.

Покрај тоа, производите во категориите со висок ризик, како што се играчките и козметиката, не се проверуваат доволно темелно ниту доволно често. Бројот на проверките не се зголемил во чекор со растот на понудата.

Според Комисијата, системот на „Тему“ за модерирање на содржините не посветува доволно внимание на безбедноста на производите и на ризиците што тие ги носат. Комисијата заклучи и дека системот за санкционирање не ја спречува ефикасно продажбата на небезбедни производи.

– Санкциите се изрекуваат на поединечни продавници наместо на трговецот што стои зад нив, иако еден трговец може да управува со повеќе продавници. Затоа, трговецот чија продавница е затворена може да продолжи да продава преку своите други продавници – наведе Комисијата.

– Трговците можат да направат голем број сериозни прекршувања, вклучително и да продаваат производи што не ги поминуваат безбедносните проверки, пред „Тему“ да суспендира некоја од нивните продавници – се вели во соопштението.

Комисијата во 2024 година почна сеопфатна истрага против „Тему“ поради сомневања дека компанијата не ги исполнува барањата од Законот за дигитални услуги.

Сè уште се испитуваат некои прашања опфатени со истрагата, меѓу кои и елементите од дизајнот на платформата што можат да поттикнат зависност и алгоритмот со кој на корисниците им се препорачуваат производи.