Фото: Бојан Христовски/Фејсбук

Сите надзорни тела во државата што имаат законско право и обврска да го надгледуваат работењето на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) можат во секое време, со или без најава, да дојдат и да извршат проверка во рамките на своите законски овластувања, изјави директорот на АНБ Бојан Христовски.

Прашан за забелешките во европските извештаи во врска со надзорот врз службите, Христовски рече дека прашањето треба да се упати до телата надлежни за спроведување на надзорот.

– Прочитав дел од забелешките во однос на надзорот врз службите, но мислам дека тоа прашање треба да го упатите до оние што треба да го спроведуваат надзорот. Генерално, се мисли на граѓанскиот и на парламентарниот надзор. Што се однесува до тоа дали и како Агенцијата ги прифаќа иницијативите за надзор, би кажал дека не само што сме отворени за надзор, туку и јас лично неколкупати јавно ги повикав сите надзорни тела во државата што, во согласност со законот, имаат право и обврска да го надгледуваат работењето на Агенцијата, во секое време, со или без најава, да дојдат и да проверат сè што им дозволува законот – рече Христовски, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во МВР.

Во врска со реформите на службите во безбедносниот сектор во Македонија, Христовски истакна дека станува збор за политички процес што го води Владата. Тој посочи дека АНБ одговорила на сите барања за мислење од релевантните чинители во државата, во рамките на своите можности да учествува во процесот за кој, како што рече, е особено чувствителен, пренесува МИА.