Наскоро ќе биде објавен тендер за избор на изведувач за доградба на двете згради кај Ректоратот на УКИМ, кои ќе ги користи Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Во моментов тече рокот за доставување сугестии за архитектонското решение, кое се разликува од првичното решение од пред десетина години.
– Мислам дека тоа ќе заврши многу скоро, во денови го броиме времето. Потоа ќе се распише тендер за избор на изведувач за доградбата. Постапката ќе трае најмалку шеесетина дена, а можеби и деведесет. Потоа ќе пристапиме кон реконструкција на овие згради – изјави министерката Весна Јаневска, одговарајќи на новинарски прашања по увидот во завршните работи од темелната реконструкција на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“.
Како што рече, постапката траела малку подолго затоа што требало да се утврди состојбата на недоградените објекти и да се процени во колкава мера се оштетени.
– Овие згради десет години стојат недопрени, на време и невреме. Процената ја направивме со УКИМ, предводени од Градежниот факултет. Учествуваа претставници на повеќе факултети – Машинскиот, ФЕИТ и Архитектонскиот, а беше вклучен и ИЗИИС. Потоа побаравме и добивме идејно решение, па повторно распишавме тендер, овој пат за архитектонско решение. Таа постапка сега е при крај. Потраа малку подолго затоа што факултетите даваат сугестии за архитектонското решение, кое се разликува од претходното – соопшти Јаневска.
Минатата година беше одлучено двете згради во кампусот на УКИМ да му припаднат на ФИНКИ. Според планот од 2013 година, едната зграда била наменета за Факултетот за физичка култура (ФФК), за кој ќе се гради објект на неговата сегашна локација, пренесува МИА.
































