Фото: Фејсбук на Христијан Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски остро го осуди нападот врз 26-годишната девојка од Охрид, изразувајќи поддршка до нејзиното семејство и уверување дека надлежните институции ќе преземат сè што е во нивна моќ за сторителот да одговара пред законот.

Обраќајќи се денеска од Брисел, Мицкоски рече дека првично планирал да зборува за средбите и разговорите посветени на застапувањето на македонските интереси во Белгија, но дека веста за насилниот напад го променила неговото обраќање.

– За жал, до мене стигна ужасната вест која ги потресе охриѓани, но и генерално граѓаните на Македонија, за инцидентот и претепувањето на младата девојка. Ја користам оваа прилика да изразам жалење и жестоко да го осудам дивјаштвото кое се случува – изјави Мицкоски, соопшти владината прес-служба.

Премиерот нагласи дека како човек и родител сочувствува со семејството на повредената девојка и порача дека Владата ќе направи сè што е во рамките на своите надлежности за случајот да добие соодветна институционална разрешница.

– Како човек, како родител, како татко, како брат и сопруг сакам да изразам поддршка до семејството на девојката и да ветам дека сè ќе сториме како институција, и јас како претседател на Владата, лицето кое го сторило овој ужасен напад да биде изведено пред лицето на правдата – порача Мицкоски.

Случајот предизвика реакции во јавноста, откако СВР Охрид поднесе кривична пријава против 31-годишен охриѓанец поради сомнение за тешка телесна повреда врз неговата 26-годишна девојка. На повредената ѝ биле констатирани тешки телесни повреди, а осомничениот бил лишен од слобода и му биле определени мерки на претпазливост.