Фото: Фејсбук/Официјален профил

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, го осуди физичкиот напад врз 26-годишна девојка од охридскиот регион, повикувајќи ги надлежните институции случајот да го расчистат брзо, ефикасно и правично.

Во реакција објавена на неговиот Фејсбук-профил, Пецаков порача дека насилството не смее да има место во градот и дека очекува институциите да постапат согласно законите.

– Најостро го осудувам насилниот настан што го потресе Охрид во текот на вчерашниот ден. Како личност и како градоначалник згрозен сум, Охрид е згрозен. Вакви немили настани не се одлика на Охрид и не смеат да се случуваат во Охрид. Ги повикувам надлежните институции брзо, ефикасно и правично да постапат. Јавно се оградувам и стојам на страната на правдата и законот. Насилство не е решение – напиша Пецаков.

Тој посочи и дека последните случаи на насилство ја наметнуваат потребата од измени во законската регулатива, како и поинаков пристап кон сторителите на вакви кривични дела.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, СВР Охрид поднело кривична пријава против 31-годишниот К.К. од Охрид поради сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“, согласно член 131 став 3 од Кривичниот законик.

Од МВР информираат дека на 15 ноември, околу 2 часот по полноќ, по претходна расправија која започнала во домот на пријавениот, а продолжила во неговиот автомобил, тој физички ја нападнал својата 26-годишна девојка од охридскиот регион.

Нападот продолжил и откако го запрел возилото, при што девојката изгубила свест и паднала. Таа најпрво била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа и во болницата „Св. Еразмо“, каде што лекарите констатирале тешки телесни повреди.

Осомничениот бил лишен од слобода во 5.05 часот и задржан во полициска станица. По барање на Основното јавно обвинителство, Основниот суд во Охрид му определил мерки на претпазливост.

Во врска со случајот, полицијата привела и 49-годишен маж од Охрид, татко на повредената девојка, по пријава дека упатувал закани кон осомничениот и членовите на неговото семејство. Од МВР најавија дека и против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.