Фото: Принтскрин

Новоизбраната шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Искра Хаџи Василева, денеска ја презеде функцијата, најавувајќи дека ќе се насочи кон административните и внатрешните прашања, ефикасното постапување по предметите од висок јавен интерес и поголемата отвореност кон јавноста.

Хаџи Василева рече дека на почетокот фокусот ќе биде ставен на административните процедури неопходни за функционирањето на институцијата. Потоа, како што посочи, ќе се разгледуваат внатрешните организациски прашања и ќе се спроведе годишното распоредување во рамките на институцијата.

Таа рече дека по сите предмети што го привлекуваат вниманието на јавноста, вклучително и оние поврзани со лица на американската црна листа, ќе се постапува со соодветна динамика. Посочи и дека законските прописи го ограничуваат објавувањето на одредени детали од тековните истраги.

– Предметите за кои постои интерес кај јавноста ќе бидат дел од оние на кои ќе им се даде соодветна динамика. Но, има и многу други предмети што треба тековно да се работат. Оттука, приоритет ќе бидат сите предмети што се однесуваат на ефикасен кривичен прогон, како и случаите за кои е јасно дека јавноста покажува висок интерес – изјави Хаџи Василева.

Прашана дали буџетот на Обвинителството ќе биде доволен за борбата против криминалот, Хаџи Василева рече дека тоа ќе биде предизвик, но дека малото зголемување на буџетот е позитивен сигнал.

– Ќе се трудиме со ресурсите што ги имаме да го направиме најдоброто што можеме. Јас така гледам на работите. Во меѓувреме, ќе продолжиме да се залагаме за обезбедување дополнителни ресурси бидејќи буџетските прашања се само еден од аспектите. Како што знаете, неколкупати беше посочено и од страна на републичкиот јавен обвинител дека има голем дефицит во јавнообвинителската служба. Имаме недостиг и на стручни службеници и на јавни обвинители. Ресурсите се тие што ги имаме во моментот, а наша задача е да се обидеме да постигнеме максимална ефикасност со нив. Секако, борбата за повеќе ресурси останува во континуитет – изјави Хаџи Василева.

Според Хаџи Василева, влијанија од различни центри на моќ, вклучително и од политиката, бизнисот и интересните групи, постојат, но клучни се професионалниот став и интегритетот на обвинителите.

– Не станува збор единствено за влијанија од политичарите. Во текот на работата чувствуваме влијанија од разни центри на моќ, од бизнис-секторот и од други интересни групи. Суштината, како што сме кажале и претходно, е во тоа како ние ќе се поставиме во однос на тие влијанија. Тука се гледа нашиот интегритет. Влијанија имало, има и веројатно ќе има, но прашањето е како ние ќе се однесуваме кон нив – порача Хаџи Василева.

Прашана за ефикасноста на одделението што постапува по предмети поврзани со полициски службеници, Хаџи Василева рече дека разговарала со неговиот актуелен раководител и дека смета оти одделението е оптоварено со голем број предмети.

– Веројатно во иднина треба суштински да се размислува за позицијата на ова одделение и за пристапот кон прашањето на одговорноста на полициските службеници. Таа одговорност е широка и опфаќа и дисциплинска и кривична одговорност. Сметам дека тука има простор за подобрување, а знам дека и раководителот на одделението го дели ова мислење. Тоа ќе биде едно од прашањата со кои ќе се занимаваме во почетниот период – изјави Хаџи Василева.

Државниот јавен обвинител Ненад Савески се сретна со новата раководителка на ОЈО ГОКК, Искра Хаџи Василева, и со досегашниот раководител Ислам Абази. Абази, чиј мандат заврши, се враќа на работа во Вишото јавно обвинителство во Гостивар. По средбата, Савески им посака успех на двајцата.

– На мое големо задоволство, денеска сите тројца поразговаравме за тоа до каде се состојбите и работата, како и околностите во кои ова обвинителство работи. Ми беше пренесено и за плановите на колешката, нејзините планови за работа со ова обвинителство. Останува Јавното обвинителство да продолжи да работи и, генерално, оваа институција да ги преземе сите оние активности, сè со цел да работиме и да докажеме дека сме во интерес на граѓаните и на тој начин да ја вратиме, односно да ја зголемиме довербата на граѓаните во нашата работа – изјави Савески.

Прашан како ја оценува работата на Абази, Савески рече дека за него е важно секој јавен обвинител да постапува законито и професионално. Тој оцени дека Абази задоволително ја извршувал функцијата.

– Апсолутно сметам дека раководењето од страна на досегашниот јавен обвинител ги задоволувало професионалните стандарди. Во неговото постапување не е забележано прекршување на законските норми. Исто така, јавните обвинители во ова обвинителство никогаш не се пожалиле на влијание или притисок од страна на јавниот обвинител, барем во периодот додека јас сум на оваа позиција – изјави Савески.

Прашан за оценка на својот мандат, досегашниот шеф на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, рече дека во Обвинителството работеле професионално, непристрасно и без надворешни влијанија и дека зад себе остава добро организиран тим.

– Сметам дека сме работеле професионално, законито и објективно. Непристрасно и без надворешни влијанија. Зад себе оставам добар тим на стручни и обучени јавни обвинители, кои може да одговорат на предизвиците и надлежностите на ова обвинителство. Исто така, оставам добро организиран и функционален истражен тим. Очекувам дека и во иднина јавните обвинители, со новата раководителка, ќе имаат услови за непречено извршување на својата работа – изјави Абази.

Во врска со истрагите што не завршиле онака како што очекувала јавноста, меѓу кои и предметот со мазутот, Абази рече дека за секој предмет јавниот обвинител носи соодветна одлука, а оштетените имаат право на жалба.

– Доколку Основното јавно обвинителство пропуштило нешто, повисокото јавно обвинителство може да даде насоки и да го задолжи Основното јавно обвинителство да ја продолжи постапката во согласност со дадените насоки. По прибавувањето на сите докази и преземањето на сите дејства што се побарани во одлуката на повисокото јавно обвинителство, повторно ќе се постапува и ќе биде донесена соодветна јавнообвинителска одлука – појасни Абази.

Искра Хаџи Василева беше избрана за раководителка на ОЈО ГОКК на изборите одржани на 28 октомври годинава, на кои освои 64 гласа од вкупно 171 важечко гласачко ливче. За функцијата конкурираа и јавните обвинители Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ и Јован Цветановски.

Изборот на нова раководителка на ОЈО ГОКК беше спроведен поради истекувањето на мандатот на досегашниот раководител Ислам Абази, кој беше избран на функцијата во октомври 2022 година.

Хаџи Василева е втората личност избрана да раководи со ОЈО ГОКК на непосредни избори на кои сите јавни обвинители во земјата имаат право на тајно гласање, пренесува МИА.