Фото: Ка.М

Амбасадорите на Германија и Франција во Македонија, Петра Дрекслер и Кристоф Ле Риголер, денеска на Германските гробишта во Прилеп заеднички го одбележаа Денот на помирувањето, со пораки за мир, меѓусебна почит и соработка.

На церемонијата присуствуваа претставници на други дипломатски мисии во земјава, на Општина Прилеп и на Генералштабот на Армијата, а во рамките на одбележувањето беше положено цвеќе пред спомен-обележјето на загинатите војници од Првата и Втората светска војна.

Од церемонијата беше упатена порака дека заедничкото чествување и помирувањето меѓу Германија и Франција претставуваат еден од темелите на денешна Европа, а нивниот пример покажува дека мирот и просперитетот се градат преку соработка.

Германската амбасадорка Петра Дрекслер истакна дека од трагичните историски спротивставености можат да произлезат мир, стабилност, меѓусебна почит и пријателство.

-Денес не им оддаваме само почит на оние кои ги изгубиле животите, туку потсетуваме дека војните не придонесуваат за мир. Сите треба да се грижиме за зачувување на мирот. Потребно е помирување и соработка – рече Дрекслер.

Францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер нагласи дека е важно да се зачува сеќавањето на сите жртви на омразата и насилството.

-Затоа за нас е многу важно заеднички да чествуваме и да соработуваме – рече Ле Риголер.

Во церемонијата се вклучија и ученици од Основното училиште „Кочо Рацин“.

На Германските гробишта во Прилеп почиваат посмртните останки на повеќе од 1.800 загинати војници од различни нации, меѓу кои најбројни се германските. Гробиштата се добро зачувани и редовно се одржуваат, а претставуваат потсетник на разорните последици од војните.

Ка.М