Јавното обвинителство постапува секогаш кога ќе утврди постоење на кривично-правен настан, независно од тоа кој повикува на постапување, порача денеска државниот јавен обвинител Ненад Савески. Тој, сепак, не откри дали за случајот со Алта банка е оформен предмет или се преземаат предистражни дејствија, посочувајќи дека информациите за евентуална предистражна постапка се тајни согласно закон, пренесе МИА.
Одговарајќи на прашањата на пратениците на надзорната расправа во Собранието за Алта банка, Савески нагласи дека Обвинителството има законска обврска да реагира секогаш кога ќе детектира елементи на кривично дело.
– Без оглед кој го повикува Јавното обвинителство да постапи во конкретна ситуација, Обвинителството постапува во секоја ситуација, секогаш кога ќе детектира дека постои кривично-правен настан. Доколку детектира кривично-правен настан, се утврдува идентитет на сторители и кое е кривичното дело – појасни Савески.
На прашањето на пратеникот Миле Талески дали е оформен предмет и дали се преземаат предистражни дејствија во врска со Алта банка, државниот јавен обвинител не даде конкретен одговор.
– Не споменав ниту дали има, ниту дали нема истрага. А доколку има или нема предистрага, за тоа не можам да зборувам бидејќи предистражната постапка е тајна и тоа е моја законска обврска – истакна Савески. Тој додаде дека законите важат еднакво за сите и дека секој што сторил кривично дело треба да одговара пред законот.
Одговарајќи на дополнително прашање дали би било покренато обвинение против премиерот Христијан Мицкоски за наводно давање лажен исказ на расправата, Савески рече дека одлуките ги носат надлежните јавни обвинители врз основа на докази.
– Доколку имате докази за било какво сторено кривично дело од било кој, доставете ги до надлежното јавно обвинителство. Тоа е законска обврска на јавниот обвинител на кој ќе му биде распореден предметот да постапи и да донесе соодветна одлука – рече Савески.
На прашањето на пратеникот Бране Петрушевски за јавните настапи на претставници на СДСМ и евентуалната кривична одговорност за ширење информации што можат да влијаат врз стабилноста на банкарскиот сектор, Савески оцени дека лажните вести се сериозен општествен проблем. Сепак, посочи дека во моментот Кривичниот законик не предвидува посебна кривично-правна заштита за вакви случаи.
– Лажните вести се сериозен општествен проблем. Не е само кај нас, тоа е проблем насекаде. Меѓутоа, во која мера е потребна кривично-правна одговорност или е тоа слобода на изразување, тоа е проценка која може да ја направи јавното обвинителство, но во овој момент таква кривично-правна заштита во нашиот Кривичен законик не постои – изјави Савески.
Тој повтори дека јавниот обвинител нема дискреција да не постапи кога ќе утврди дека во нечие однесување има елементи на кривично дело што се гони по службена должност.
– Секогаш кога Јавното обвинителство ќе утврди дека во нечие однесување се содржани елементи на конкретно кривично дело кое се гони по службена должност, јавниот обвинител мора да постапи – истакна Савески.
Терминот за продолжението на надзорната расправа, како и распоредот на исказите, Комисијата за финансирање и буџет ќе ги утврди дополнително, на координација.































